Кодекс на етика

КОДЕКС
ЗА ПРОФЕСИОНАЛНАТА ЕТИКА НА АДВОКАТИТЕ, АДВОКАТСКИТЕ СТРУЧНИ СОРАБОТНИЦИ, И АДВОКАТСКИТЕ ПРИПРАВНИЦИ НА                                  
АДВОКАТСКАТА КОМОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 

       

Кодексот за професионалната етика на адвокатите е збир од усвоени начела по кои треба да се управуваат адвокатите во својата работа. Тие се во согласност со општите начела на етиката на веќе порано прифатените и развиени начела на професионалната етика на адвокатурата.

Непридржувањето кон правилата и начелата на Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници претставува повреда на дисциплината, санкционирани со посебен акт на Комората.

Должност на сите адвокати е да се грижат за правилна примена на овој Кодекс.

Во случај кога адвокатите застапуваат или бранат пред судовите во друга држава должен е покрај кон одредбите на овој Кодекс да се придржува и кон одредбите на кодексот на домицилната држава.

 

I.ОПШТИ ПРИНЦИПИ

 

1.Независност

          Во извршување на своите обврски адвокатот е независен и не смее да дозволи никакви влијанија од трети лица или неговите лични интереси или интересите на трети лица и надворешен притисок да влијаат на него во извршувањето на неговите обврски кон клиентот. Адвокатот е должен да не дозволи никакво нарушување на неговата незвисност и да не ги прекрши своите професионалните принципи со цел да  удоволи било кому,па и на неговиот клиент.

 

2.Доверба

            Помеѓу адвокатот и клиентот мора да постои однос на доверба,а ваквото нешто може да се постигне исклучиво доколку адвокатот поседува лично достоинство,чесност и интегритет. Овие традиционални вредности за адвокатот се и професионална обврска.

3.Доверливост

            Доверливоста е примарно и фундаментално право и обврска на адвокатот, затоа што суштината на професијата адвокат му овозможува на истиот да дознае и такви работи кои што клиентот не би ги соопштил на друг. Без функционирање на принципот на доверливоста не може да постои ни доверба помеѓу адвокатот и киентот.Обврската на адвокатот за почитуваwе на принципот на доверливост е временски неогранична и важи за сите информации кои ќе ги дознае од својот клиент во вршеќето на неговата професионална активност.Овој принцип му обезбедува на адвокатот специјална заштита од државата.

 

                                                                                                                          4.Несоодветни професии

Овој принцип се обезбедува со воздржување на адвокатот од вршење на професии и активности или стекнување на својство на субјект кои не се споиви со професијата адвокат,го нарушуваат неговиот дигнитет,интегритет,независност и сл.

Како неспоиви со адвокатурата професии, дејности, должности или статус на лице се сметаат особено :

- стечаен управник;

- законски застапник на трговско друштво;

- основач, содружник или партнер,управител или вработен во трговско друштво кое што се занимава со правен консалтинг, агенција за недвижност или други правни субејкти кои со своето работеќе претставуваат нелојална конкуренција на адвокатурата

 

5.Лично рекламирање

 Адвокатот не смее да се рекламира или да бара личен публицитет на недостоен начин.

Не се смета за рекламирање објавувањето на основни податоци за адвокатот на негова лична  веб страница на Интернет на: име, презиме, адреса, телефон, област од дејноста, без наведување на цената на услугите и без истакнување на лични и професионални квалитети на адвокатот. Забрането е истакнување на имињата и називите на клиентите кои адвокатот ги застапувал и ги застапува на неговата веб страна.

 

6.Интерес на клиентот

           

Адвокатот е должен секогаш да постапува во најдобар интерес на клиентот и треба да ги стави тие интереси пред сите други интереси.

 

 II. ОДНОС КОН СТРАНКАТА И ПРЕДМЕТОТ

1. Адвокатот како давател на правна помош и вршител на јавни овластувања треба да дава правна помош, да застапува или да брани странки кога тие му се обраќаат за таа цел.

Адвокатот може да го одбие давањето правна помош или вршењето на јавни овластувања од оправдани причини, како што се: преоптовареност во работењето, незначителни изгледи за успех по предметот, неплаќање на доспеаните обврски од клиентот (трошоци и награда), кога е во прашање неодговорен парничар и слично.

Одбивањето да се даде правна помош во кривичните предмети (одбрана) треба да се цени по строги критериуми. Тоа е дозволено само во особено исклучителни случаи и тоа од објективна и од субјективна природа, како што се: болест на адвокатот, неплатени обврски од страна на обвинетиот за претходно дадена одбрана и слично.

Доколку се работи за сиромашна странка која не е во состојба да ја плати наградата на адвокатот во полн износ, тоа не може да влијае на ускратување на тоа да се даде правна помош или вршење на јавно овластување, бидејќи ова претставува традиционална и чесна задача на адвокатската професија.

Адвокатот ќе го советува и претставува неговиот клиент навремено,совесно и внимателно и е должен да го информира клиентот за текот предметот на негово барање.

2. Ако адвокатот прифати вршење на јавни овластувања, давање правна помош, застапување или одбрана тој е должен да и остане верен на својата странка и да се труди со истата да воспостави однос на доверба. Тој може да го откаже застапувањето, одбраната или давањето друта правна помош. само од исти причини поради кои можел да одбие давње правна помош, ако за тие причини дознал по преземањето на предметот Но, и во овој случај адвокатот е должен својата странка да ја застапува се додека не си обезбеди друг правен застапник. Рокот за ова може да биде најмногу до 30 дена.

3. Адвокатот не смее да превземе вршење на јавни овластувања или застапување на сопарничари или сообвинети, ако нивните меѓусебни интереси се спротивни. Ако таков случај настане во текот на застапувањето или одбраната, адвокатот е должен да го откаже застапувањето, односно одбраната на една од странките.


4.  При составување на двострани правни работи (договори и друго) адвокатот е должен совесно да ги штити интересите на двете странки, без оглед на тоа која од нив побарала правна помош и која ја плаќа наградата. Ако меѓу странките настане спор во врска со договорот составен од страна на адвокатот, тогаш истиот не треба да се појави како застапник на ниту една од странките.

5.  Адвокатот е должен совесно да ја застапува и да ја брани својата странка, користејќи ги притоа сите потребни средства, дозволени со Законот или со друг пропис. Меѓутоа, адвокатот треба да избегнува поднесување непотребни подавки или даваќе непотребни предлози. Тој треба да настојува сите докази и факти да ги сконцентрира во што помал број поднесоци. Адвокатот во својата работа не смее да се идентификува со својата странка, туку треба да остане на височина на својата фукција - застапник или бранител на своите странки.

6.  За време на застапувањето на својата странка, адвокатот не смее да прифаќа евентуална понуда за застапување и на спротивната странка, ниту пак други работи што се во врска со спорот и се спротивни на интересите на странките, додека трае спорот.

7.  Ако адвокатот се нафати за застапување или за одбрана, од својата странка треба да земе исцрпни податоци со евентуални докази, предупредувајки ја истата дека е во нејзин интерес својот адвокат да го запознава со сите факти. Од друга страна пак, адвокатот е должен, секој предмет што го презел, совесно да го проучи и кон истиот така и да се однесува, а своето мислеќе за евентуалниот ишод на спорот искрено да и го соопшти на својата странка.


8.  Уште при преземање на предметот, доколку е можно, адвокатот треба да ја запознае својата странка со износот на трошоците и наградата за застапување односно вршењето на јавни овластувања. Ако е во прашање странка која ги исполнува условите за давање на бесплатна правна помош согласно нормативните акти на АКРМ адвокатот е  да не бара никакво надоместување. имајќи го притоа постојано предвид старото етичко начело на адвокатите: никој, поради неможност за плаќаќе на наградата на адвокатот, да не остане без адвокатска и квалитетна правна помош.


9.  Адвокатот не треба да прифати вршење на јавни овластувања, застапувања, одбрана или давање друга правна помош во толкава мера, кога со тоа би бил преоптоварен до таа мерка, што секој случај не би можел совесно и темелно да го обработи. Во случај на презафатеност, адвокатот треба странката да ја упати на други свои колеги во кои има доверба, а кои имаат временска можност за прифаќање на странката.


10.  Во спротивната странка адвокатот не треба да гледа непријател, туку просечен противник, кој е можеби исто толку уверен во своето право, како и странката која адвокатот ја застапува. Според тоа, односот на адвокатот кон спротивната страна треба да биде конкретен. Меѓутоа, ваквото нешто не треба да има влијание на застапувањето на неговата странка. Во границите на законските одредби, треба да истапува енергично и без страв. Адвокатот треба да избегнува секаков контакт со спротивната странка без знаење на својата странка или на застапникот на противникот.

11.  Ако адвокатот е во пријателски однос со спротивната странка за тоа треба да ја извести својата странка уште пред преземање на предметот за да се отстрани секое сомневање во врска со правилното извршување на договорената задача.

12.  Адвокатот не треба да го искористува незнаењето на противната странка, особено ако таа нема адвокат, за на тој начин да постигне неоправдан успех за својата странка својата странка.


III. ОДНОС КОН СУДОТ И  КОН ДРУГИТЕ ОРГАНИ 

13.  Во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот, и институциите пред кои се јавува. Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во споредувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките.

Адвокатот е должен да укажува почитување кон судот  и институциите пред кои се јавува, но исто така, во интерес на угледот на адвокатурата, е должен да не дозволи некоректен однос на претставниците на тие органи кон него и кон неговата странка. Таквите тенденции е должен да ги оневозможи на пристоен начин и со допуштените средства. Должен е да даде достоен отпор против секој обид за кршеќе на начелата на демократијата и повреди на достоинството на личноста.


14.  Пријателските или роднинските односи на адвокатот со судијата или со лице вработено во институција, избран или именуван функционер, член на политичка партија не смее да дојдат до израз додека адвокатот ја извршува својата адвокатска дејност. Особено е недостојно да ги истакнува своите роднински врски, пријателство, врски и познанство и истите да ги искористи во своја полза или за сметка на својата странка, а на штета на спротивната странка, или на кое било трето лице или институција.              

15.  Пред судот и другите органи адвокатот настапува како полномошен на своите клиенти, заради заштита на нивните права и правни интереси. Истиот е должен, врз основа на совесно прибраните податоци од странката, да ја изнесе јасно и накусо - писмено или усмено - фактичката и правната состојба на која се повикува. Тој е должен, во своите излагања да одбегнува демагогија и злоупотреба на фактичките и правните оцени и без оглед дали се присутни странките или јавноста, адвокатот е должен секогаш да истапува на ист начин.

16. Големината на писмениот состав и говорот зависи од конкретните услови; од тежината и од компликуваноста на предметот; обработката на правната литература и сл. Концизноста на излагањето не треба да го спречи адвокатот, писмениот состав или говор да му бидат изложени во убава, импресивна и уверлива форма, со излагање што ќе биде позанимливо и полесно прифатливо. Негувањето на убавиот и содржан збор е традиционална должност на адвокатите.

 

                                                                                          IV. ОДНОСОТ КОН АДВОКАТИТЕ  И  АДВОКАТСКАТА КОМОРА

17.Адвокатската комора во својата работа е самостојна, независна и јавна. Комората е должна за извршување на задачите од членството. За таа цел секој адвокат, од своја страна, е должен да придонесува за што поуспешна работа на Комората и да го негува и да го подигнува нејзиниот углед.

Изборот во кој било орган на адвокатската комора, треба да претставува чест за секој адвокат, а истиот може да не се прифати во случај кога здравствената состојба на адвокатот не му дозволува такво ангажирање или ако станува збор за други - оправдани случаи.

Адвокатите се должни исклучиво и свесно да ги исполнуваат своите членски, професионални и јавни обврски од морална и од материјална природа, како кон сопствените, така и кон сите институции што се од посебен и од општ интерес за нив.

18.  Адвокатот треба да ги зацврстува меѓусебните односи; да негува стручна и професионална солидарност и другарски однос во работата. Меѓусебните односи на адвокатите и нивната соработка треба да бидат искрени и конкретни и тие да немаат влијание врз совеста и одлучноста во застапувањето на нивните странки.

Недозволено е преку врски, препораки или на каков било друг начин, преземање клиенти од другите адвокати. Непристојно е адвокатот своите услуги да ги нуди на лица кои веќе имаат свој адвокат, а особено со понуда за поповолно застапување или одбрана, во материјална смисла.

Со зборови или на друг начин, адвокатот не смее да ја игнорира, омаловажува и да ја потценува работата на адвокатот од спротивната странка. При работење во кривична постапка, адвокатот не треба својата одбрана да ја насочи и постави така, што со неа ќе се товарат друтите сообвинети, освен во случај кога тоа го налагаат потребите на одбрана на неговиот клиент.

19.  Колегијалноста меѓу адвокатите бара секој од нив без оправдани причини, да не ја одбие замолената замена пред судот. Адвокатот кој моли за замена, на својот заменик мора да му ги презентира потребните податоци и упатства во врска со предметната замена; да му ги надомести трошоците и да му ја исплати наградата. Кога адвокатот е спречен да ја изврши замената, мора веднаш да го извести својот колега или да се погрижи да обезбеди друг заменик.

 
                                                                                                                        V. ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ТАЈНИ

20. Се што странката ќе му довери на адвокатот во врска со бараниот правен совет, застапување или одбрана и се што адвокатот дознал за предметот на друг начин, а што е доверливо, претставува професионална адвокатска тајна.

Обврската за чување на професионалната тајна се однесува и на списите што адвокатот ги чува во својата архива. Адвокатот е должен професионалната адвокатска тајна да ја чува под страв од дисциплинска или од кривична одговорност. Истата се третира како тајна за време на застапувањето и одбраната, а и подоцна, се додека нејзиното изнесување во јавноста може да и штети на странката.

21. Она што адвокатот го дознал од странката, а што претставува професионална тајна, може да го открие само во случај кога самата странка, на несомнен начин, го дозволува тоа, ако е во интерес на одбраната (нужно за одбраната), како и во случај кога тоа ќе го побара и ќе добие согласност од Адвокатската комора. Комората, при разгледуваќето на ваквото барање на адвокатот, ќе ги цени сите постојани околности.

22. Ако странката бара од адвокатот да ја застапува спротивно од изнесената материјална вистина, истиот може да го одбие застапувањето. Во вакви случаи, адвокатот не треба да презема ништо што би можело да и наштети на странката.

Адвокатот не може да дава предлози со кои очевидно има намера да го избегне утврдувањето на материјлната вистина.

23. Ако адвокатот дознал нешто при застапувањето на некое правно лице или такво нешто му било познато кога бил негов член, во никој случај тоа не смее да го употреби во каква било постапка, на негова штета.

 
                                                         VI. СТРУЧНО УСОВРШУВАЊЕ, ЧУВАЊЕ И ПОДИГАЊЕ НА ЛИЧНИОТ И МОРАЛЕН УГЛЕД

24. Адвокатот е должен постојано да ги усовршува своите стручни и општи познавања. За таа цел треба да следи и проучува прописи и стручна литература (особено од областа на своите специјалности); да следи културни, научни и политички достигнувања и настани, а, според можностите, активно да учествува и да соработува во професионалните и стручни организации, списанија и во другите општествени дејности.

Адвокатот е должен своите знаења несебично да ги пренесува на другите адвокати, а посебно на адвокатските стручни соработници и на адвокатските приправници.

 
25. Своите интелектуални способности, професионални и други јавни активности, мора секогаш да ги развива во рамките на дејноста на адвокатската професија. Недозволено е своите активности да ги користи спротивно од принципите на овој кодекс, а особено со цел да ја истакне својата адвокатска професија или на каков било друг начин - со намера да се рекламира.

26. Адвокатот е должен во секое време додека е професионално ангажиран и во својот личен живот, да стекнува и одржува степен на личен и морален углед. За таа цел е должен да се воздржи од сите свои лични, особено материјални интереси, што би можело да го доведат во сомневање неговиот морален лик

Со непрекинато стручно усовршување и подигање на својот личен и морален углед, адвокатот ја исполнува својата професионална должност и се оспособува за успешно вршење на традиционалната функција во одбрана на слободата, независноста, граѓанските права, хуманизмот и човечкото достоинство во одбрана на законските права.

27. Во непосреден контакт со спротивната странка или со нејзиниот застапник, односно бранител, адвокатот може да стапи само поради обид за мирно решавање на спорот и тоа, само по предлог или со знаење на својата странка.

 
                                                             VII. ОДНОСОТ НА АДВОКАТОТ КОН АДВОКАТСКИТЕ ПРИПРАВНИЦИ И ОБРАТНО

28. Адвокатот мора да посвети посебно внимание на работата со адвокатските приправници. Мора да се грижи за нивното поуспешно стручно усовршување и издигање.

На адвокатскиот приправник му е потребно да обрне внимание и на неговиот правилен и коректен однос кон другите адвокати, адвокатските стручни соработници, приправниците, органите пред кои истапува во своето работење како и во ситуации надвор од работата.

На својот приправник адвокатот мора да му обезбеди сестрана и темелна практика. Таа не може да биде половична или фиктивна


29. Адвокатскиот приправник кога прв пат доаѓа во деловен однос со друг адвокат, доколку порано не се познавал со него, е должен да му се претстави на истиот. Истото ќе го стори и во однос на судијата кај кого прв пат доаѓа на судење.

30. Адвокатите мораат да посветат особено внимание при упатување на адвокатските приправници во принципите на адвокатската етика, без што ниту стручната практика, ниту знаењата не би имале соодветна вредност.

За својата работа адвокатскиот приправник мора да биде награден.

Поради полагање правосуден испит, адвокатот мора на адвокатскиот приправник да му обезбеди доволно време за подготвување на истиот. Односот меѓу адвокатот и неговиот приправник, во никаков облик, не смее да претставува злоупотреба на положбата и довербата.


31. Адвокатскиот приправник е должен во секој поглед да ја чува тајната на адвокатската канцеларија во која што работи.

 

VIII. АДВОКАТСКАТА КАНЦЕЛАРИЈА И ФИРМАТА  НА  ИСТАТА

32. Фирмата на адвокатската канцеларија мора да биде истакната на зградата каде што е сместена канцеларијата но, ниту по облик, ниту по содржина, не смее да служи за рекламни цели.

33. Со цел да се сочува угледот на адвокатурата, по правило, адвокатот, треба да ги прима странките во својата канцеларија.
Недостојно е адвокатот своите работи да ги врши со странките по судските ходници, угостителски објекти или на други непогодни места.

IX. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ 

Покрај адвокатите, овој Кодекс се применува и се однесува и на работењето на адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници.

34. Кодексот има времен карактер и треба и понатаму да се усовршува и да се дополнува во духот на начелата прифатени и проверени во однос на професионалната етика на адвокатурата во Република Македонија.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме