Обука за Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната организирана од Адвокатската комора на РМ и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите се одржа во Гевгелија

23 Ноември 2016

Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната беше тема на дводневната обука, која на 21 и 22 ноември 2016 година, во организација на Адвокатската комора на РМ (АКРМ) и на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) се одржа во Гевгелија.


Претседателот на Адвокатската комора на РМ, г-дин Никола Додевски, осврнувајќи се на хронологијата на донесувањето на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, потсети дека на донесувањето на Законот му претходеше Правилник донесен од страна на претседателот на Врховниот суд на РМ за кој Јавното обвинителство на РМ и Адвокатската комора на РМ имаа негативно мислење, чија втора верзија беше донесена без прибавено мислење од Адвокатската комора, за чие што усвојување Комората беше против и кој се покажа како неуспешен.

Додевски посочи дека Комората учествуваше во дебатите за донесување законското решение, но дека главните предлози на Комората не беа прифатени.

„Во дебатите за донесување на Законот, Адвокатската комора беше стриктно на ставот дека ако овој Закон веќе се носи, мора да се донесе со учество на Адвокатската комора. За волја на вистината, Комората учествуваше, но еден од главните предлози на Комората врзан со задолжителната примена на Законот не беше прифатен. Но, тоа не значи дека во натамошниот тек, ние, преку нашите преставници во Комисијата, нема да дојдеме во една ситуација кога ќе биде востановено и правото на отстапување или т.н right to depart, односно судијата да има право да може со специфично образложение, кое ќе биде подолжено на контрола од повисоките судови, да отстапи од овие правила што ги содржи законот. Тоа една точка на која ние, како Комора, се фокусираме и за кое сметаме дека треба да се подобрува, бидејќи веќе има согледување кои ја оправдуваат нашата претходна позиција.

Тоа што исто така го сметам за важно и суштинско за подобрување на ефикасноста, покрај практичните начини за примена, и кое што не е само идеја, туку е и во одредена фаза на реализација, иако е успорена и не е дојдена до крај, тоа е измена на Законот за кривичната постапка во поглед на рочиштето за изрекување на казна. Имено, вие, како адвокати, најдобро знаете колку е деликатната состојбата на адвокатот и затоа треба посебно рочиште за вина и посебно рочиште за изрекување казна на коешто на крајот, ако веќе е утврдена вина, ако веќе е изречена дел од одлуката дека се огласува за виновен да почне процесот во кој ќе се утврдуваат околностите  и ќе се имплементира и овој Закон и критериумите со активно учество и на одбраната и на службите кои ќе мора да постојат за да се дојде до вистинска кривична санкција за индивидуален сторител. Тука се разбира недостига уште еден важен дел, а тоа е учеството на пробациските офицери чија што улога е токму индивидуализацијата, давање на предлози и утврдување на индивидуалните карактеристики. Ова се чекори кои ние како адвокати ќе се залагаме да поминат. Овој предлог да се одвојат овие две рочишта беше обработен во работната група за измени на новиот ЗКП пред неговото влегување во сила и колку што се сеќавам беше прифатен од сите учесници во работната група, но, ете тука се  запре работата и тие измени не се усвоени. Оптимисти сме дека кога ќе дојде моментот ќе  се изменат тие одредби и ќе биде многу полесно“, образложи претседателот на Адвокатската комора. 

Додевски подвлече дека без оглед колку адвокатите ги сакаат или не ги сакаат овие прописи, должни се да ги спроведуваат како што треба и во интерес на одбраната и за токму за таа цел се организираат конкретните обуки.

Јавниот обвинител за организиран криминал г-дин Јован Илиевски, кој беше активно вклучен во подготовката на Законот, како предавач на обуката подетално се осврна на начинот на примена на законското решение. Во рамки на обуката беа реализирани и практични вежби за одредување на видот и одмерување на висината на казната.
 


Обуката се спроведе во рамки проектот на Адвокатската комора на Република Македонија  „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната“ финансиран од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.

Бранителите играат клучна улога во воспоставувањето на современ и одговорен систем на кривична правда. Една од најважните реформи на правосудниот систем во Република Македонија беше имплементацијата на адверсијалниот систем, унапредување на владеење на правото и на почитување на човековите права. Токму затоа, целта на проектот е развивање на вештините на адвокатите во однос на клучните карактеристики на Законот за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Постигнувањето на оваа цел ќе биде возможно единствено преку континуирана едукација на адвокатите на одбраната и лоцирање на области кои се сметаат за слабост на овие нови закони.

Проектот предвидува организација на повеќе практични обуки и тркалезни масин наменети за адвокати од  сите апелациони подрачја со посебен акцент на учење на практичните вештини.





Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме