Уставниот суд на РМ уште еднаш ја потврди уставноста на задолжителното присуство на адвокат во постапката пред нотарот

28 Ноември 2017

Уставниот суд на РМ не поведе постапка по иницијативата на Нотарската комора на РМ  за оценување на уставноста на член 95 став 4 и член 153 став 6 од Законот за нотаријат, како и за  за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија предвидени и преземени врз основа на Законот за нотаријатот, во целина.

- Според Уставниот суд не може да се прифати дека оспорениот став 4 на членот 95  од Законот за нотаријатот според кој „полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис“ е нејасна и непрецизна одредба која не овозможува остварување на уставно утврдените слободи и права и дека тоа водело кон повреда на начелото на владеењето на правото.

- Во однос на уставноста на членот 153 став 6 од Законот, според кој  „доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците“, Судот објаснува дека тоа што, согласно член 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата Адвокатската тарифа ја донесува Адвокатската комора не значи дека со оспорениот дел од член 153 став 6 од Законот за нотаријатот се повредува членот 53 од Уставот и гарантираната самостојност и независност.

Судот оценува дека со наведеното решение законодавецот определил дека нотарот и адвокатот треба да си ги поделат наградата и трошоците во еднакви делови, од каде основот за определување на висината на наградата и трошоците треба да биде единствен (член 153 став 6 од Законот за нотаријатот). Ова уште повеќе што постапката за расправање на оставината ја води нотарот, а адвокатот во неа учествува само како полномошник на учесниците во оставинската постапка. 

„Впрочем во функција на запазување на уставно загарантираната самостојност и независност на адвокатите е креиран оспорениот член 182 став 2 од Законот за нотаријатот, според кој Адвокатската комора е должна да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно одредбите од овој закон во рок од два месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Во таа смисла, Адвокатската комора на Република Македонија има донесено Одлука за измена на тарифата за награда и надоместок на трошоци за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.122/2016), во која во членот 8 став 1 точка 5 став 2 е пропишано дека во оставинска постапка пред нотар каде со закон е предвидено задолжително учество на адвокат, наградата и трошоците за соодветното правно дејство за адвокатите кои задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците“, се вели во Решението на Уставниот суд.

- Во врска со дополнувањето на иницијатива со кое Нотарската комора бара од Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија предвидени и преземени врз основа на Законот за нотаријатот, во целина,  Судот оценува дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето за донесување на решение за изрекување на времена мерка од причина што за прашањата за кои се бара изрекување на времената мерка, надлежен е законодавецот, а не Уставниот суд на Република Македонија.

 Во продолжение Ви го пренесуваме Решението на Уставниот суд на РМ интегрално: 

У.Број: 129/2016-0-0
Дата на Донесување: 01.11.2017


Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" бр.70/1992), на седницата одржана на 1 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст
  1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 13 и член 20 став 1 точка „ѓ“ во делот: „и (13)“ од Законот за нотаријатот (”Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016).

    2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка „и“; член 12 ставови 9 и 12; член 20 став 1 точка „ѓ“ број „(9)“, член 95 став 4 и член 153 став 5 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

    3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на член 153 став 6 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

    4. Нотарската комора на Република Македонија до Уставниот суд поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка „и“; член 12 ставови 9, 12 и 13; член 20 став 1 точка „ѓ“ број „(9)“, член 95 став 4 и член 153 ставовите 5 и 6 од Законот за нотаријатот (”Службен весник на Република Македонија” број 72/2016).

    Според наводите во иницијативата, членот 10 став (1) точката „и“ од Законот не била во согласност со Амандманот V став 1 од Уставот, според кој на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, поврзано со член 32 став 1 од Уставот, според кој секому под еднакви услови му е достапно секое работно место и согласно овој дециден пристап во член 39 став 2 од Законот за нотаријатот, утврдена била како општа одредба дека нотарските исправи и заверки се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а во согласност со член 64 став 1 од овој закон, ако никој од учесниците не го знае службениот јазик, покрај сведоците на го знае јазикот на учесниците (како што тоа било предвидено и во законите за соодветните судски постапки). Се разбира, преведувач не бил потребен ако нотарот и двајцата сведоци на актот го знаат јазикот на учесникот.

    Одредбата од член 10 став (1) точка „и“ од Законот со која како услов некое лице да биде именувано за нотар, освен условот-активно да го знае македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како услов предвидувала и „познавање на најмалку еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски)“ не била во согласност со Амандманот V став 1 на Уставот, поврзано со член 32 став 2 од Уставот, затоа што основа и рамка биле уставните начела и одредби, при утврдување на содржината на еднаквите услови за достапност секому на секое работно место во државата. Тоа значело дека со оспорената одредба се ограничувала достапноста - пристапот до нотарската професија односно до работното место нотар со предвидениот услов - познавање на еден странски јазик.

    Одредбите од член 12 став 9 и член 20 став 1 делот од точка „ѓ“ број „9“, не биле во согласност со член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

    Нотарите именувани согласно Законот за вршење на нотарските работи од 1996 година и Законот за нотаријатот од 2007 година, биле именувани под условите и на начин утврдени со тие закони, во кои биле утврдени и причините поради кои би биле разрешени. Според тие закони, Управниот одбор на Нотарската комора бил должен и овластен да организира продолжено стручно оспособување на нотарите со организирање семинари и предавања врз основа на годишна програма, учеството на семинарите и предавањата било задолжително за сите нотари, а нивното неоправдано присуство претставувало дисциплинска повреда (член 99 став 1 точка „ж“ од Законот од 1996 година и член 104 став 1 точка „ж“ од Законот од 2007 година).

    Исто така, начинот на полагање на нотарски испит според овие закони битно се разликувал од т.н. квалификационен нотарски испит и испит за рангирање на нотар предвидени со Законот за нотаријатот од 2016 година.

    Оттука, пропишаната обврска и досега именуваните нотари да полагаат стручен испит за проверка на знаењето во рок од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон и потоа секои седум години, претставувало нов услов за вршење на нотарска служба на досега именуваните нотари. Тоа значело повратно дејство на оспорената одредба од Законот, како во однос на обврската за полагање стручен испит за проверка на знаењето, така и во однос на причините-основот за разрешување ако не полага или не го положи стручниот испит.

    Општо познато било дека основната цел на забраната на повратното (ретроактивно) дејство на правните норми било обезбедување на начелото на правната сигурност со тоа што се исклучувала можноста за укинување или ограничување на оние права, статус и положба, кои биле законито стекнати пред донесувањето на новата правна норма. Во конкретниот случај, со оспорената одредба се условувало и ограничувало вршењето на нотарска служба на оние нотари кои таквиот статус го стекнале во време, под услови и на начин утврдени во законите кои биле во сила.

    Со Законот за спречување на корупцијата, употребени биле термините „избрано или именувано лице“, значи биле опфатени носителите на јавни функции кои се должни да пополнат анкетен лист за имотот, конкретизирано во член 33 став 1 од тој закон. Од оваа одредба произлегувало дека не биле опфатени носителите на јавни овластувања (меѓу кои спаѓаат и нотарите, туку само носители на јавни функции (избрани или именувани од Собранието и Владата на Република Македонија), како и други одговорни лица, кои располагаат со државен капитал, точно утврдени во цитираната законска одредба. Законот за спречување на корупцијата, како матичен закон, не опфаќајќи ги носителите на јавни овластувања, во конкретниот случај нотарите, го имал предвид нивниот двоен статус од една страна, иако тие биле именувани лица од државен орган, сепак приватно-професионални и материјално-финансиски биле самостојни и независни и подлежат на општа финансиска контрола од страна на надлежните финансиски органи, и логично не биле опфатени во Законот за спречување на корупцијата. Оттука, немало основ во Уставот, односно одредбата од членот 12 став 12 од Законот за нотаријатот била во спротивност со член 68 став 1 алинеја 16 и член 91 став 1 алинеја 13 од Уставот, со Законот за нотаријатот, надвор од уставните овластувања, да се воведува обврска за нотарите да пополнуваат анкетен лист за својот движен и недвижен имот.

    Одредбата од член 12 став 13 од Законот не била во согласност со членот 14 од Уставот според кој, кое дело е казниво се утврдува со закон, а согласно Кривичниот законик (член 2), основа и граница на кривично-правна принуда била заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности и примена на принуда само кога било нужно спречување на општествено-штетни дејствија. Како што било познато, според кривично-правната теорија и наука во законодавствата на државите, прифатени биле два вида на законски дефиниции на поимот казниво дело: според формалната дефиниција, казниво дело било она човечко поведение што со закон е прогласено како казниво дело, а според материјалната дефиниција, за да претставува казниво дело, покрај формалната забранетост, однесувањето на сторителот требало да биде општествено опасно дело.

    Кривичниот законик на Република Македонија ја прифаќал (членовите 1 и 2) формално-материјалната дефиниција на казниво дело како општествено опасно-штетно дело. Се поставувало прашање дали „неположувањето на стручниот испит за проверка на знаењето“ било општествено-опасно штетно дејствие, за да се плати парична казна од 3000 евра во денарска противвредност.

    Освен тоа, карактерот на оваа казна не бил јасно дефиниран во оспорената одредба, дали се работи за прекршок, кривично дело или дисциплинска повреда на службената должност, што не било во согласност со уставното начело на владеењето на правото кое подразбирало јасни и децидни правни норми. 

    Членот 153 став 5 од Законот претставувал општа и непрецизна одредба, која не водела сметка за различниот карактер на податоците кои се содржани во годишниот извештај на нотарот за претходната година, односно внесени биле одредени податоци кои имале карактер на класифицирани информации (висина на остварена награда, износ на трошоците, износ на остварена добивка) кои биле достапни само на одредени лица во надлежните органи на начин утврден со закон, со што се повредувал членот 25 од Уставот според кој се гарантира почитување и заштита на приватноста на животот на секој граѓанин и членот 18 од Уставот со кој се гарантира тајноста на личните податоци. Ова затоа што нотарот имал двоен статус, од една страна бил лице именувано од државата, вршел јавни овластувања утврдени со закон и неговата работа во врска со вршењето на јавните овластувања и службени дејствија била под надзор на државата, меѓутоа, од друга страна од материјално-финансиски аспект нотарот бил самостоен и имал (сносел) лична-приватна и професионална одговорност за евентуалната штета и за финансиската состојба во работењето. Напред споменатите податоци биле достапни само на надлежни органи и под услови и за случаи предвидени со закон. 

    Одредбата од член 95 став 4 од Законот, според која полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис, била нејасна и непрецизна со оглед дека гласела „полномошно издадено од адвокат“ наместо „можеби“, „полномошно издадено од странка“.

    Заверувањето на адвокатското полномошно од самиот адвокат, со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002) било утврдено како јавно овластување на адвокатите (член 4 став 1) и одредбата била укината со Одлука на Уставниот суд, У.бр.134/2002 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2003).

    Според изразеното мислење на Судот, за довереното вршење на јавното овластување важел принципот на законитост, па дејствијата што треба да ги преземат субјектите на кои им е доверено јавното овластување, треба однапред да бидат определени во законот-процедурата, формата и содржината на тие дејствија. Ако се има предвид дека во завереното полномошно и според Законот за општата управна постапка и според Законот за парничната постапка, органот може да се посомнева во неговата вистинитост. А таа вистинитост, овие членови од законот, фактички со свој печат треба да ја гарантира и потврди адвокатот, кој што истовремено е полномошник односно едно од лицата меѓу кои е направено полномошното, оттука според Судот, ваквата гаранција ќе е доволна гаранција за вистинитоста на полномошното во која органот се посомневал бидејќи не се обезбедени инструменти за надзор или заштита од евентуална злоупотреба при вршење на овој вид јавно овластување.

    Поради ова, оспорената одредба не била во согласност со уставното начело на владеењето на правото кое подразбирало со закон да се утврдуваат норми кои ќе овозможат уставно утврдените слободи и права да се остваруваат законито, посодржајно и поцелосно. 

    Членот 153 став 6 од Законот, според кој, доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците, не бил во согласност со членот 53 од Уставот. Ова затоа што според овој член од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања утврдени со закон. Самостојноста и независноста на адвокатурата била изразена и уредена со Закон за адвокатурата и еден од основните елементи на самостојноста било автономно со своја тарифа да ја утврди адвокатската награда и трошоци за работа на адвокатите.

    Со оспорената одредба било определено со Нотарската тарифа да се определува правото на вкупна награда и трошоците на адвокатот кога тој задолжително учествува во постапката пред нотар. Нотарската тарифа ја донесувало Министерството за правда со претходно прибавено мислење на Нотарската комора и согласност на Владата на Република Македонија-член 153 став 1 од Законот.

    Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за нотаријатот и по одржана јавна расправа, да донесе одлука со која ќе ги поништи овие одредби. 

    Дополнително, на 30.12.2016 година, во Уставниот суд е примено дополнување на иницијативата, со која се поднесува посебен предлог за тоа Уставниот суд, согласно членот 27 односно 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија предвидени и преземени врз основа на Законот за нотаријатот во целина, затоа што со извршувањето на поединечните акти и дејствија врз основа на оспорените и други одредби од Законот, ќе настанеле тешко отстранливи последици.

    Според образложението на дополнувањето на иницијативата, Законот за нотаријатот содржел битни новини и решенија во концептот на нотаријатот како јавна служба–институција со јавни овластувања, воспоставена во правосудниот и правниот систем на државата која функционирала веќе 19 години.

    Во Законот биле вградени битни новини во самиот концепт – модел на функционирање на нотарската служба, а кои особено се однесувале на начинот, постапката и условите за именување на нотари, на правната положба, статус и одговорност на нотарите како носители на јавните овластувања согласно овој закон и особено внесување на нови односи меѓу граѓаните и правните лица–како корисници на правните услуги, адвокатите–како задолжителни даватели на правна помош односно учество во постапката пред нотарите и нотарите–како носители на јавни овластувања за составување и издавање на нотарски исправи како јавни и извршни исправи.

    Поврзано со овие битни новини во Законот истовремено биле воведени значајни нови–административно технички решенија, кои се однесувале на дигитализација (електронизација) на нотарските исправи, односно составување на нотарски исправи во електронски облик кое барало преземање на низа мерки и активности: воспоставување на централна електронска нотарска архива, концептирање електронски нотарски уписници, воспоставување регистар за тестаменти, регистар за полномошна и друго.

    Овие радикални новини со кои се менува досегашниот концепт на функционирање на нотаријатот и утврдениот рок за отпочнување на примена на Законот воопшто не одговарале на реалните можности за нивно реализирање, односно преземање на сите подготовки за обезбедување услови за успешен почеток и единствена примена на Законот. Во таа смисла не бил можен и неадекватен бил рокот предвиден во членот 182 од Законот за нотаријатот, според кој во рок од една година од влегувањето во сила на Законот (по 21 април 2016 година) а не од почетокот на примената на Законот, Нотарската комора требало да изготви софтвер и да воспостави централна електронска нотарска архива и Комората и нотарите да се поврзат со Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Централниот регистар на Република Македонија, Управата за водење на матични книги и Министерството за внатрешни работи и единиците на локалната самоуправа. Освен тоа, тој софтвер не можел да се пушти во официјална употреба и активна примена без одреден тест период (најмалку 6 месеци) и отстранување на багови согласно пропишаните меѓународни стандарди за софтверско работење. 

    Освен тоа, особено требало да се има предвид фактот дека се уште не биле донесени подзаконските акти согласно овој закон, чие донесување и имплементација била од исклучителна важност за Нотарската комора на Република Македонија и за секој нотар поединечно, за успешен премин од еден во друг нотарски модел и успешен почеток на примена на новите принципи и правила за функционирање на нотаријатот.

    Од посебен интерес било за граѓаните и правните субјекти, а не била можна примената на членот 26 од Законот за нотаријатот, во врска со обезбедувањето присуство на нотар во секоја општина (еднаш на две недели и најмалку 4 часа) со оглед на потребата од договор и координација меѓу Министерството за правда, Нотарската комора и Заедницата на локална самоуправа, а заради обезбедување простории и други неопходни услови за работа на нотарите, кои ќе треба да бидат определени од Нотарската комора.

    За успешен почеток и примена на Законот за нотаријатот и функционирање на нотаријатот, потребна била и претходна посебна евалуација на нотарите, адвокатите и судиите, кои имаат свои посебни овластувања и надлежности поврзани со вршењето на нотарската служба, односно такви претходни едукации биле потребни и со претставници на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Централниот регистар на Република Македонија, Управата за водење на матични книги и Министерството за внатрешни работи и други.

    За сите наведени новини биле потребни ресурси (време и материјални средства), претходно тестирање на софтверот кој требало да го воспостави Нотарската комора на Република Македонија и тестирање на електронските нотарски уписници, одржување на обуки на сите нотари заради обезбедување на унифицирано постапување, а роковите за нивната реализација биле кратки. 

    Од напред наведените причини, Нотарската комора на Република Македонија предлага Уставниот суд, согласно членот 27 односно 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија врз основа на одредбите од Законот за нотаријатот во целина, за да се одбегне евентуалниот застој и можна хаотична состојба во правниот промет и живот во државата, што било од исклучителна важност за остварување и заштита на правата на граѓаните и правните лица и нивната правна сигурност што се обезбедува во постапките пред нотарите.

    5. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 1 точка и) од Законот за нотаријатот, за нотар може да биде именувано лице кое поседува меѓународно признат сертификат за познавање на најмалку еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 -4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФи.

Според член 12 став 9 од Законот, именуваните нотари согласно со Законот за вршење на нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ број 59/96, 25/98, 6/2002 и 66/2006) и Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2007, 86/2008, 139/2009 и 135/11), полагаат стручен испит за проверка на знаењата во рок од седум години од денот на влегување во сила на овој закон, кој се спроведува согласно со одредбите од глава XVII од овој закон, а потоа проверката на знаењето на нотарите од овој став, се врши на секои седум години од денот на полагањето на последниот испит за проверка на знаењата. 

Според став 12 од истиот член, именуваниот нотар е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на именувањето, да пополни анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки. Нотарот има обврска да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанувањето на службата. Анкетниот лист се доставува до Државната комисија за спречување на корупција и Управата за јавни приходи. 

Согласно став 13 на овој член, доколку нотарот од ставовите (8) и (9) на овој член, не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во предвидените рокови, е должен најдоцна во рок од 30 дена од одржувањето на стручен испит за проверка на знаењето да плати казна од 3.000 евра во денарска противвредност на наменската сметка на Нотарската академија при Комората кои ќе се користат само за стручно оспособување на нотарите во рамките на Комората. По плаќањето на казната, нотарот се стекнува со право повторно да го полага стручниот испит за проверка на знаењето во рок од шест месеци по претходното полагање на стручниот испит за проверка на знаењето. Доколку нотарот не ја плати казната или повторно не го положи стручниот испит за проверка на знаењето истото е основ за поведување на постапка за разрешување согласно со членот 20 став (1) точка ѓ) од овој закон. 

Според член 20 став 1 точка ѓ) од Законот, нотарот ќе биде разрешен ако не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во роковите утврдени во член 12 ставови (8), (9) и (13) од овој закон.

Согласно член 95 став 4 од Законот за нотаријатот, полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис. 

Според член 153 став 5 од Законот, нотарот е должен најдоцна до 15 март секоја година да достави писмен извештај за неговото работење во претходната година, во кој го наведува вкупниот број на уписи, висината на наградата остварена во текот на работењето во таа година, висината на наплатена такса, износот на трошоците на работењето и износот на остварената добивка. Претседателот на Комората во наредните 15 дена доставува извештај за добиените податоци до Министерството. 

Според ставот 6 на истиот член, доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците. 

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. 

Со Законот за нотаријатот се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот (член 1).

Условите за именување на нотар се пропишани со член 10 од Законот. Така, според ставот 1 на овој член, за нотар може да биде именувано лице, кое ги исполнува следниве услови:
а) да е државјанин на Република Македонија; 
б) да е деловно способно и да има општа здравствена способност, што се докажува со уверение издадено од надлежна здравствена установа од областа на медицината на трудот; 
в) да е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии или дипломиран правник кој според Болоњската декларација има 300 кредити на правни студии според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) или нострифицирана диплома за завршени правни студии во странство во траење од четири години или според Болоњската декларација има 300 кредити на правни студии според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС); 
г) да има положено правосуден испит; 
д) да има положено квалификационен нотарски испит и испит за рангирање за нотар за конкретниот конкурс, психолошки тест и тест на интегритет; 
ѓ) да има работен стаж на правни работи од најмалку две години по положен правосуден испит; 
е) да не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци или да не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност; 
ж) да даде изјава заверена од нотар дека ќе обезбеди соодветна опрема и простории за вршење на нотарската служба; 
з) да даде изјава пред нотар дека не е презадолжено, со сите последици од давање на лажен исказ; 
ѕ) активно да го владее македонскиот јазик и неговото кирилско писмо; 
и) да поседува меѓународно признат сертификат за познавање на најмалку еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 -4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФи 
ј) да не му престанала функцијата судија, односно не му престанал работниот однос како државен службеник, помошник нотар, заменик нотар, адвокат или извршител со правосилна одлука во дисциплинска постапка додека не поминат три години од денот на правосилноста на одлуката. 

Со иницијативата се оспорува одредбата од членот 10 став (1) точката „и“ од Законот, со која како услов некое лице да биде именувано за нотар, освен условот-активно да го знае македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како услов предвидува и познавање, на одредено ниво, на најмалку еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски), со образложение дека ваквиот услов, односно одредба не била во согласност со Амандманот V став 1 на Уставот, поврзано со член 32 став 2 од Уставот, затоа што со оспорената одредба се ограничувала достапноста- пристапот до нотарската професија односно до работното место нотар. 

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. 

Според член 2 од Законот за нотаријатот, нотарска служба е јавна служба што ја вршат нотари, кои се самостојни и независни носители на таа служба. Нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон. 

Според член 3 став 1 на овој закон, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда (во натамошниот текст: Министерството), кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање. Според ставот 3 на истиот член, нотарската служба нотарот ја врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија и други прописи и општи акти засновани врз закон.

Оттука, право е на законодавецот да ги утврди потребните услови за вршење на нотарската служба, како што е сторено со членот 10 од Законот, со цел да се овозможи именување на нотари со потребно знаење и квалитет за вршење на оваа специфична јавна служба. Во таа смисла, законодавецот како услов за вршење на службата нотар, покрај другите, пропишал и услов-познавање на најмалку еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски). Притоа, Судот имаше предвид дека ваков услов-познавање на еден од наведените јазици, законодавецот пропишал и за вршење на други јавни функции и служби, како што се судиите, јавните обвинители, извршителите, административните службеници. Прашањето за целисходноста на едно вакво решение, кое високо ги поставува стандардите за извршување на јавна функција, односно служба, е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

За уставноста на ова законско решение, според Судот, пресудно е дали тоа се однесува подеднакво за сите лица заинтересирани за вршење на нотарската служба, односно дали овозможува операционализација на уставното начело за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, односно за достапност на секое работно место под еднакви услови.

Од содржината на членот 10 од Законот, произлегува дека оспорениот услов за именување на нотар подеднакво се однесува на сите заинтересирани лица за вршење на оваа служба, поради што Судот оцени дека со тоа не се повредува ниту начелото на еднаквост од член 9 од Уставот, ниту достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови, гарантирано со членот 32 став 2 од Уставот.

Исто така, пропишаниот услов не е во спротивност ниту со Амандманот V на Уставот, затоа што активното владеење на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како службен јазик на целата територија во Република Македонија согласно наведениот амандман, е исто така, според членот 10 став 1 точката ѕ) од Законот, услов за именување на нотар и за вршење на нотарска служба, а барањето за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија е дополнителен услов за кој законодавецот оценил дека е во функција на подигнување на нивото на стручност и компетентност на нотарите, имајќи ја предвид потребата во современото општество за општење меѓу луѓето, следење на потребна стручна литература, во услови на слободен пазар и отворени граници меѓу државите. 

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 10 став 1 точка „и“ од Законот за нотаријатот, со Амандманот V и со членот 32 став 2 од Уставот.

  1. Со член 12 став 8 од Законот се пропишува дека именуваните нотари согласно со одредбите од овој закон полагаат стручен испит за проверка на знаењата на секои седум години од денот на именувањето, кој испит се спроведува согласно со одредбите од глава XVII од овој закон. Според ставот 9 на истиот член, именуваните нотари согласно со Законот за вршење на нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ број 59/96, 25/98, 6/2002 и 66/2006) и Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2007, 86/2008, 139/2009 и 135/11), полагаат стручен испит за проверка на знаењата во рок од седум години од денот на влегување во сила на овој закон, кој се спроведува согласно со одредбите од глава XVII од овој закон, а потоа проверката на знаењето на нотарите од овој став, се врши на секои седум години од денот на полагањето на последниот испит за проверка на знаењата. 

    Според членот 20 став 1 точката ѓ) од Законот, нотарот ќе биде разрешен ако не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во роковите утврдени во членот 12 ставови (8), (9) и (13) од овој закон.

    Со иницијативата не се оспорува самото решение за полагање на стручен испит за проверка на знаењата на нотарите на секои седум години од денот на именувањето, кое за првпат се воведува со овој закон, туку се оспоруваат само одредбите на член 12 став 9 и член 20 став 1 точка ѓ) во делот:„(9)“, кои се однесуваат на обврската за полагање на ваков испит и за нотарите кои се именувани пред донесувањето на овој закон, како услов за задржување на нотарската служба, со образложение дека со ваквата одредба се предвидувало повратно дејство спротивно на член 52 став 4 од Уставот. Повратното дејство се однесувало, како во однос на обврската за полагање стручен испит за проверка на знаењето, така и во однос на причините - основот за разрешување ако нотарот не полага или не го положи стручниот испит.

    Судот ваквите наводи во иницијативата ги оцени како неосновани. 

    Неспорно е дека полагањето на стручен испит за проверка на знаењата на нотарите на секои седум години од денот на именувањето, како услов за задржување на правото за вршење на нотарската служба, за првпат се воведува со овој закон. Нотарите именувани согласно Законот за вршење на нотарските работи од 1996 година и Законот за нотаријатот од 2007 година, биле именувани под условите и на начин утврдени со тие закони, во кои биле утврдени и причините поради кои би биле разрешени, а полагање на стручен испит за проверка на нивното знаење во текот на траењето на службата, не било предвидено. 

    При ваква ситуација, се поставува прашање дали новата регулатива повлекува повратно дејство на Законот, односно дали со истата им се условува и ограничува вршењето на нотарска служба на оние нотари кои таквиот статус го стекнале во време, под услови и на начин утврдени во законите кои биле во сила во време на нивното именување и дали со тоа се повредени нивните легитимни очекувања за вршење на нотарската служба. 

    Една норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек.

    Во конкретниов случај, се работи за правни односи кои не се завршени, односно станува збор за односи во тек, поради што не може да се прифати дека од нив произлегуваат стекнати права и обврски во кои е забрането нормативно да се интервенира. 

    Законодавецот има уставно овластување да ја уредува нотарската служба, што подразбира и да воведува одредени измени и дополнувања поврзани со нејзиното вршење, доколку оцени дека тоа е оправдано и потребно во дадени општествено економски услови, заради создавање нормативни претпоставки за обезбедување и подобрување на стручноста и компетентноста на нотарите, како лица кои вршат јавни овластувања, односно за проверка на знаењата на нотарите дали и колку ги следат законите кои ги применуваат во секојдневното вршење на службата и колку стручно и професионално ја вршат нотарската служба. Притоа, законодавецот е должен да ги стави во иста положба сите нотари. Во таа смисла, според Судот, треба да се анализира и новововедениот стручен испит за проверка на знаењето на нотарите на секои седум години од денот на именувањето.

    За уставноста на ова законско решение, според Судот, пресудно е дали тоа се однесува подеднакво за сите нотари, односно дали овозможува операционализација на уставното начело за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, односно за достапност на секое работно место под еднакви услови.

    За да ги стави во иста правна положба сите нотари, законодавецот пропишал дека рокот од седум години за првото полагање на стручниот испит за нотарите именувани пред донесувањето на сега важечкиот закон, започнува да тече од денот на влегувањето во сила на Законот за нотаријатот, а потоа проверката на знаењето на овие нотари ќе се врши на секои седум години од денот на полагањето на последниот испит за проверка на знаењата. Тоа значи дека сите претходно именувани нотари, првично ќе подлежат на обврска за полагање на испитот во рок од седум години по влегувањето во сила на законот со кој е предвидена ваква обврска, со што практично се ставени во иста правна положба со нотарите кои ќе бидат именувани по донесувањето на Законот, и кои исто така, ќе имаат обврска за полагање на стручниот испит во рок од седум години од денот на именувањето, а положувањето на испитот е услов за продолжување со нотарската служба. Понатаму, и едните и другите, ќе имаат обврска за полагање на стручниот испит за проверка на знаењата на секои седум години од денот на полагањето на последниот испит, како услов за продолжување со нотарската служба, односно неположувањето на испитот претставува основ за разрешување на нотарот.

    Со оспорените законски одредби, вршењето на нотарската служба за нотарите именувани пред донесувањето на сегашниот Закон за нотаријатот, продолжува, но во текот на вршењето на службата, тие ќе бидат подложени на ист режим како и нотарите кои дополнително ќе бидат именувани, што значи дека со законската интервенција сите нотари се ставени во иста положба.Оттука, Судот оцени дека воведувањето на обврска за полагање на стручниот испит за нотарите именувани пред донесувањето на новиот закон за нотаријатот, на ист начин како и за другите нотари, не може да се прифати како повреда на нивните легитимни очекувања за вршење на оваа служба, туку како создавање на нормативни претпоставки за еднаков третман пред законот на сите нотари, што е обврска на законодавецот.

    Тргнувајќи од фактот дека со наведената законската регулатива за воведување на стручен испит за проверка на знаењата на сите нотари кои вршат нотарска служба, по влегувањето во сила на Законот, сите нотари се ставаат во иста правна положба, Судот оцени дека не може да се прифати дека со оспорените член 12 став 9 и член 20 став 1 точка ѓ) во делот:„(9)“ од Законот, се воведувало повратно дејство за нотарите именувани пред донесување на Законот, спротивно на членот 52 став 4 од Уставот.

    8. Според член 12 став 12 од Законот, именуваниот нотар е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на именувањето, да пополни анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки. Нотарот има обврска да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанувањето на службата. Анкетниот лист се доставува до Државната комисија за спречување на корупција и Управата за јавни приходи. 

    Според наводите во иницијативата, со Законот за спречување на корупцијата, не биле опфатени нотарите како носителите на јавни овластувања, туку само носители на јавни функции (избрани или именувани од Собранието и Владата на Република Македонија), како и други одговорни лица, кои располагаат со државен капитал, точно утврдени во членот 33 од Законот. Законот за спречување на корупцијата, како матичен закон, не опфаќајќи ги носителите на јавни овластувања, во конкретниот случај нотарите, го имал предвид нивниот двоен статус од една страна, иако тие биле именувани лица од државен орган, сепак приватно-професионални и материјално-финансиски биле самостојни и независни и подлежат на општа финансиска контрола од страна на надлежните финансиски органи, и логично не биле опфатени во Законот за спречување на корупцијата. Оттука, немало основ во Уставот, односно одредбата од член 12 став 12 од Законот за нотаријатот била во спротивност со член 68 став 1 алинеја 16 и член 91 став 1 алинеја 13 од Уставот, со Законот за нотаријатот, надвор од уставните овластувања, да се воведува обврска за нотарите да пополнуваат анкетен лист за својот движен и недвижен имот.

    Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

    Според член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот, Собранието на Република Македонија врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон. 

    Според член 91 алинеја 13 од Уставот, Владата на Република Македонија врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.

    Според членот 3 став 1 од Законот за нотаријатот, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање.

    Оттука, произлегува дека нотарите не спаѓаат во категоријата носители на јавни и други функции кои се избираат или именуваат од страна на Собранието или Владата, туку станува збор за лица кои вршат јавни функции утврдени со закон, именувани од страна на Министерството за правда, поради што не може да се прифати дека оспорениот член 12 став 12 од Законот за нотаријатот не бил во согласност со наведените уставни одредби. 

    Законодавецот оценил дека и нотарите, како лица кои вршат јавни овластувања во согласност со закон, треба да подлежат на обврска за пополнување на анкетен лист за нивниот подвижен и недвижен имот, и ваквата обврска ја утврдил со Законот за нотаријатот, што е во согласност со неговото уставно овластување да ги уредува општествените односи на начин за кој ќе оцени дека е целисходен. Притоа, според Судот, не постои уставна пречка обврската за пополнување на анкетен лист, освен со Законот за спречување на корупцијата, да се утврди и со друг закон, како што е случај со оспореното законско решение. 

    Според надлежностите на Уставниот суд, утврдени со членот 110 од Уставот, Уставниот суд ја цени согласноста на законите со Уставот, но нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на законите.

    Во таа смисла, Уставниот суд не може да цени дали одредбата на член 12 став 12 од Законот за нотаријатот била во согласност со одредбите на Законот за спречување на корупцијата, па иницијативата во тој дел треба да се отфрли. 

    9. Според член 12 став 13 на Законот, доколку нотарот од ставовите (8) и (9) на овој член, не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во предвидените рокови, е должен најдоцна во рок од 30 дена од одржувањето на стручен испит за проверка на знаењето да плати казна од 3.000 евра во денарска противвредност на наменската сметка на Нотарската академија при Комората кои ќе се користат само за стручно оспособување на нотарите во рамките на Комората. По плаќањето на казната, нотарот се стекнува со право повторно да го полага стручниот испит за проверка на знаењето во рок од шест месеци по претходното полагање на стручниот испит за проверка на знаењето. Доколку нотарот не ја плати казната или повторно не го положи стручниот испит за проверка на знаењето истото е основ за поведување на постапка за разрешување согласно со член 20 став (1) точка ѓ) од овој закон.

    Според наводите во иницијативата, одредбата од член 12 став 13 од Законот не била во согласност со членот 14 од Уставот според кој, кое дело е казниво се утврдува со закон, а согласно Кривичниот законик (член 2), основа и граница на кривично-правната принуда била заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности и примена на принуда само кога било нужно спречување на општествено-штетни дејствија. Како што било познато, според кривично-правната теорија и наука во законодавствата на државите, прифатени биле два вида на законски дефиниции на поимот казниво дело: според формалната дефиниција, казниво дело било она човечко поведение што со закон е прогласено како казниво дело, а според материјалната дефиниција, за да претставува казниво дело, покрај формалната забранетост, однесувањето на сторителот требало да биде општествено опасно дело.

    Кривичниот законик на Република Македонија ја прифаќал (членовите 1 и 2) формално-материјалната дефиниција на казниво дело како општествено опасно-штетно дело. Се поставувало прашање дали „неположувањето на стручниот испит за проверка на знаењето“ било општествено-опасно штетно дејствие, за да се плати парична казна од 3000 евра во денарска противвредност.

    Освен тоа, карактерот на оваа казна не бил јасно дефиниран во оспорената одредба, дали се работи за прекршок, кривично дело или дисциплинска повреда на службената должност, што не било во согласност со уставното начело на владеењето на правото кое подразбирало јасни и децидни правни норми. 

    Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

    Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

    Од анализата на содржината на оспорениот член 12 став 13 од Законот, со која се предвидува казна за неположување на стручниот испит, произлегува дека неположувањето на стручниот испит за нотарите добива карактер на казниво дело, иако истото не е определено ниту како кривично дело, ниту како прекршок или како дисциплинска повреда на службената должност, како видови казниви дела во постојниот правен поредок, пропишани со закон. Дополнително, пропишаната казна е многу висока - 3.000 евра во денарска противвредност. 

    На нотарот кој нема да го положи стручниот испит, по плаќањето на казната, му се дава можност за повторно полагање на испитот. Тоа значи дека услов за повторно полагање на стручниот испит е претходно плаќање на паричната казна. Доколку нотарот не ја плати казната или повторно не го положи испитот, тоа е основ за поведување на постапка за негово разрешување согласно член 20 став 1 точка ѓ) од Законот.

    Во таква ситуација, според Судот, основано се поставува прашањето дали неположувањето на стручниот испит на нотарот претставува такво општествено опасно дело за кое треба да се плати висока парична казна и дали ваквата казна може да биде оправдан инструмент за зголемување и подобрување на квалитетот на работата на нотарите.

    Судот смета дека неположувањето на стручниот испит на нотарот не може да добие квалификација на казниво дело, односно дека не станува збор за дејствие кое по својата природа е општествено опасно и кое треба да биде санкционирано со парична казна. Последица од неположувањето на испитот е разрешување на нотарот, а плаќањето на парична казна во таква ситуација нема оправдување и не може да биде услов за стекнување на право за повторно полагање на стручниот испит, како услов за продолжување со вршењето на нотарската служба.

    Оттука, според Судот, наведеното законско решение е непропорционално со целта која сака да се постигне, нема основ ниту според видот, ниту според висината на пропишаната казна и ваквата регулатива води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

    Со оглед дека член 20 став 1 точка ѓ) во делот:„и (13)“ од Законот ја следи правната судбина на член 12 став 13 од Законот, Судот оцени дека натамошното опстојување на овој дел од одредбата би значел повреда на начелото на владеењето на правото. 

    Поради наведеното, Судот оцени дека за член 12 став 13 и член 20 став 1 точка ѓ) во делот:„и (13)“ од Законот за нотаријатот основано може да се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

    10. Според член 95 став 1 од Законот за нотаријатот, во постапката пред нотар, за правни работи и дејствија за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да презема дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи заверено полномошно. Според ставот 4 на истиот член, полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис. 

    Со иницијативата се оспорува ставот 4 од овој член, како одредба која била нејасна и непрецизна со оглед дека гласела „полномошно издадено од адвокат“ наместо „можеби“, „полномошно издадено од странка“. 

    Понатаму, во иницијативата се наведува дека заверувањето на адвокатското полномошно од самиот адвокат, со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002) било утврдено како јавно овластување на адвокатите (член 4 став 1) и дека таквата одредба била укината со Одлука на Уставниот суд, У.бр.134/2002 („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2003).

    Според изразеното мислење на Уставниот суд во таа одлука, за довереното вршење на јавното овластување важел принципот на законитост, па дејствијата што треба да ги преземат субјектите на кои им е доверено јавното овластување, треба однапред да бидат определени во законот-процедурата, формата и содржината на тие дејствија. Ако се има предвид дека во завереното полномошно и според Законот за општата управна постапка и според Законот за парничната постапка, органот може да се посомнева во неговата вистинитост. А таа вистинитост, овие членови од законот, фактички со свој печат треба да ја гарантира и потврди адвокатот, којшто истовремено е полномошник односно едно од лицата меѓу кои е направено полномошното, оттука според Судот, ваквата гаранција е доволна гаранција за вистинитоста на полномошното во која органот се посомневал бидејќи не се обезбедени инструменти за надзор или заштита од евентуална злоупотреба при вршење на овој вид јавно овластување.

    Поради ова, оспорената одредба не била во согласност со уставното начело на владеењето на правото кое подразбирало со закон да се утврдуваат норми кои ќе овозможат уставно утврдените слободи и права да се остваруваат законито, посодржајно и поцелосно. 

    Во врска со ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

    Прашањето за преземање на дејствија преку полномошно во постапка пред нотар, е уредено со членот 95 од Законот, кој е систематизиран во главата VI. ЗАПИСНИЦИ, ПОТВРДИ, ЗАВЕРКИ.

    Според ставот 1 на овој член,во постапката пред нотар, за правни работи и дејствија за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да презема дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи заверено полномошно. Во согласност со ставот 2 на истиот член, за правните работи од ставот (1) на овој член, со кои се врши располагање или оптоварување на недвижности, полномошното мора да биде специјално и во него изречно да бидат наведени дејствијата кои може да ги презема полномошникот. Според ставот 3 на овој член, за полномошното кое се однесува на преземање дејствија во постапка по доверени работи од страна на судот и издавање на нотарски платни налози се применуваат одредбите од Законот за вонпарнична постапка и од Законот за парничната постапка.

    Во постапката за расправање на оставина, кога нотарите постапуваат како повереници на судовите, нотарите постапуваат согласно Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2008 година). Во однос на полномошното во овие случаи, според членот 170 на тој закон, изјавата за прифаќање на наследство се дава во суд пред самостоен судски советник, пред судски советник и стручен соработник, или кај нотар, а во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство пред лице најмалку со ранг на конзул. Наследничката изјава ја потпишува наследникот лично или неговиот законски застапник. Потписот на наследничката изјава која не е дадена пред суд, пред нотар или пред дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија во странство (ставови 2 и 3), како и потписот на полномошното за да се даде наследничка изјава, мора да биде заверена од нотар. Полномошното со кое се овластува адвокат да даде негативна наследничка изјава, не треба да биде заверено од нотар. 

    Во постапката за издавање на нотарски платен налог, нотарите постапуваат согласно Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), а според членот 81 став 1 од тој закон, полномошник на странката може да биде: 
    - адвокат, 
    - лице дипломиран правник кое со странката е во работен однос и 
    - роднина по крв во права линија, брат, сестра или брачен другар, доколку е потполно деловно способен. 

    Според оспорениот став 4 на членот 95 од Законот за нотаријатот, полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис. 

    Оттука, произлегува дека законодавецот пропишал дека со полномошно издадено од адвокат, може да се преземаат правни дејства пред нотар само ако полномошното е заверено со адвокатски печат и потпис. Со тоа, законодавецот ги ставил во иста правна положба сите адвокатски писмена кои можат да се користат во постапка пред нотар, а кои задолжително треба да бидат составени од адвокат и да содржат адвокатски печат и потпис, и тоа: приватна исправа составена од адвокат кога се работи за правна работа со вредност над 10.000 евра во денарска противвредност, а која треба да биде потврдена (солемнизирана) од нотар (член 55 став 2); договор за продажба и преддоговор за продажба со вредност на предметот на продажба над 10.000 евра во денарска противвредност, кога станува збор за пренос на право на сопственост (член 56 став 3); предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговор против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлог за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговор против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговор против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот (член 68 став 2).

    Во однос на Одлуката на Уставниот суд, У.бр.134/2002 од 22.01.2003 година, со која, помеѓу другото, Судот ги укина член 4 ставови 1 и 2 и член 16 став 1 во делот: „и вршење јавни овластувања“ и во делот:„кое адвокатот сам го заверува со свој печат“ од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002), а на која се повикува иницијативата, Судот имаше предвид дека наведената одлука се однесува на укинување на јавните овластувања на адвокатите утврдени со членот 4 од Законот, а поврзано со тоа, и укинување на оспорените делови на членот 16 од Законот.

    Во конкретниов случај, станува збор за полномошно издадено од адвокат, со кое се стекнува право за преземање правни работи и дејствија пред нотар, што не е иста правна ситуација како таа образложена во наведената одлука на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека не може да се прифати дека оспорениот став 4 на членот 95 од Законот за нотаријатот е нејасна и непрецизна одредба која не овозможува остварување на уставно утврдените слободи и права и дека тоа водело кон повреда на начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата.

    11. Според член 153 став 5 од Законот, нотарот е должен најдоцна до 15 март секоја година да достави писмен извештај за неговото работење во претходната година, во кој го наведува вкупниот број на уписи, висината на наградата остварена во текот на работењето во таа година, висината на наплатена такса, износот на трошоците на работењето и износот на остварената добивка. Претседателот на Комората во наредните 15 дена доставува извештај за добиените податоци до Министерството. 

    Со иницијативата, оваа одредба од Законот се оспорува како општа и непрецизна одредба, која не водела сметка за различниот карактер на податоците кои се содржани во годишниот извештај на нотарот за претходната година, односно внесени биле одредени податоци кои имале карактер на класифицирани информации (висина на остварена награда, износ на трошоците, износ на остварена добивка) кои биле достапни само на одредени лица во надлежните органи на начин утврден со закон, со што се повредувал членот 25 од Уставот според кој се гарантира почитување и заштита на приватноста на животот на секој граѓанин и членот 18 од Уставот со кој се гарантира тајноста на личните податоци. Ова затоа што нотарот имал двоен статус, од една страна бил лице именувано од државата, вршел јавни овластувања утврдени со закон и неговата работа во врска со вршењето на јавните овластувања и службени дејствија била под надзор на државата, меѓутоа, од друга страна од материјално-финансиски аспект нотарот бил самостоен и имал (сносел) лична-приватна и професионална одговорност за евентуалната штета и за финансиската состојба во работењето. Напред споменатите податоци биле достапни само на надлежни органи и под услови и за случаи предвидени со закон. 

    Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

    Според членот 18 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци (став 1). На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците (став 2).

    Во согласност со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и на угледот. 

    Според оспорената законска одредба, писмениот извештај на нотарот за неговото работење во претходната година, во кој го наведува вкупниот број на уписи, висината на наградата остварена во текот на работењето во таа година, висината на наплатена такса, износот на трошоците на работењето и износот на остварената добивка, претседателот на Нотарската комора го доставува до Министерството за правда.

    Од анализата на одредбата произлегува дека податоците кои се опфатени во содржината на годишниот извештај за работа на нотарот се податоци кои се поврзани со вршењето на службата на нотарот. Истите се доставуваат до Нотарската комора и Министерството за правда, како органи надлежни за контрола и обезбедување на услови за работа на нотарите. При анализата и обработката на податоците, овие органи се должни да се придржуваат кон прописите за заштита на личните податоци. 

    Оттука, Судот оцени дека не станува збор за општа и непрецизна одредба, која не водела сметка за различниот карактер на податоците кои се содржани во годишниот извештај на нотарот за претходната година, како што се наведува во иницијативата.

    Според Судот, годишниот извештај за работа на нотарот со наведените податоци и неговото доставување до Нотарската комора и до Министерството за правда, не може да се прифати како повреда на личниот интегритет на нотарите и како повреда на нивната приватност, гарантирани со Уставот, од причина што станува збор за податоци кои се поврзани со вршењето на службата на нотарот, како јавна служба, а Нотарската комора и Министерството за правда се органи преку кои се обезбедува законитото вршење на нотарската служба, односно се следи начинот и успехот на вршење на службата, како и се обезбедува контрола на вршењето на службата. 

    Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека одредбата е јасна и прецизна и не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.

    12. Според членот 153 став 6 од Законот за нотаријатот, доколку во постапката пред нотар со овој закон е пропишано задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците. 

    Со иницијативата се оспорува согласноста на оваа одредба со членот 53 од Уставот. Ова затоа што според овој член од Уставот, адвоктурата е самостојна и независна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања утврдени со закон. Самостојноста и независноста на адвокатурата била изразена и уредена со Законот за адвокатурата и еден од основните елементи на самостојноста било автономно со своја тарифа да ја утврди адвокатската награда и трошоците за работа на адвокатите. Со оспорената одредба од Законот за нотаријатот било определено со Нотарската тарифа да се определува правото на вкупна награда и трошоците на адвокатот кога тој задолжително учествува во постапката пред нотар. Нотарската тарифа ја донесувало Министерството за правда со претходно прибавено мислење на Нотарската комора и согласност на Владата на Република Македонија (член 153 став 1 од Законот за нотаријатот).

    Оспорениот член 153 став 6 од Законот за нотаријатот, веќе бил предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.94/2016 од 5 април 2017 година, не повел постапка за оценување на неговата уставност. Во наведеното решение, Судот оценил дека: 

    „При состојба кога нотарот, како повереник на судовите спроведува оставинска постапка, а адвокатот во таа постапка учествува како полномошник на учесниците во оставинската постапка, законодавецот во членот 153 став 6 од Законот за нотаријатот го определил начинот на поделба на трошоците и наградите и за нотарот и за адвокатот во сооднос 50% спрема 50%, а оставил висината на трошоците да се допрецизира во Нотарската тарифа. Оттаму, спроведувањето на дејствија, во една иста оставинска постапка, од страна на нотарот, кој ја спроведува постапката и адвокатот, кој е присутен во оваа постапка е уредено на единствен начин со наведената законска одредба. Следствено на ваквата поставеност на оставинската постапка, во оспорената одредба е уреден и основот за надоместување на трошоците и наградата, како на нотарот, така и на адвокатот, при што е оставено законски дадениот сооднос од 50% наспрема 50% да се допрецизира со Нотарската тарифа.

    Имајќи ја предвид ваквата состојба кога соодносот во поделбата на трошоците и наградата е определен со закон, а нивната висина се прецизира со Нотарската тарифа, Судот оцени дека не се повредува самостојноста и независноста на адвокатурата гарантирана во членот 53 од Уставот.

    Ова и од причина што висината на наградата и трошоците и за нотарите и за адвокатите кај оставинските постапки се определува со Нотарската тарифа, акт кој го носи Министерството за правда со претходно прибавено мислење на Нотарската комора и согласност на Владата на Република Македонија (член 153 став 1 од Законот за нотаријатот).

    Тоа што, согласно член 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата Адвокатската тарифа ја донесува Адвокатската комора не значи дека со оспорениот дел од член 153 став 6 од Законот за нотаријатот се повредува членот 53 од Уставот и гарантираната самостојност и независност.

    Судот оцени дека со наведеното решение законодавецот определил дека нотарот и адвокатот треба да си ги поделат наградата и трошоците во еднакви делови, од каде основот за определување на висината на наградата и трошоците треба да биде единствен (член 153 став 6 од Законот за нотаријатот). Ова уште повеќе што постапката за расправање на оставината ја води нотарот, а адвокатот во неа учествува само како полномошник на учесниците во оставинската постапка. 

    Впрочем во функција на запазување на уставно загарантираната самостојност и независност на адвокатите е креиран оспорениот член 182 став 2 од Законот за нотаријатот, според кој Адвокатската комора е должна да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно одредбите од овој закон во рок од два месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

    Во таа смисла, Адвокатската комора на Република Македонија има донесено Одлука за измена на тарифата за награда и надоместок на трошоци за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.122/2016), во која во членот 8 став 1 точка 5 став 2 е пропишано дека во оставинска постапка пред нотар каде со закон е предвидено задолжително учество на адвокат, наградата и трошоците за соодветното правно дејство за адвокатите кои задолжително учество на адвокат, адвокатите без оглед на нивниот број во конкретно правно дејствие пред нотар имаат право на вкупна награда и трошоци во висина од 50% од наградата и трошоците за преземање на соодветното правно дејствие пропишани со Нотарската тарифа, додека нотарот кој го преземал соодветното правно дејствие има право на останатите 50% од наградата и трошоците. 

    Од сето наведено произлегува дека со оспорените одредби и делови од одредби не се повредува членот 53 од Уставот.“

    Со оглед на тоа што и во предметната иницијатива одредбата од членот 153 став 6 од Законот за нотаријатот се оспорува од истите причини како и во предметот У.бр.94/2016, а во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

    13. Во однос на дополнувањето на иницијатива со кое се бара од Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија предвидени и преземени врз основа на Законот за нотаријатот, во целина, Судот го имаше предвид следното:

    Според член 182 став 1 од Законот за нотаријатот, Комората ќе го изготви софтверот и ќе ја воспостави Централната електронска нотарска архива од членот 117 став (5) од овој закон во рок од една години од денот на влегување во сила на овој закон, во кој рок Комората и нотарите електронски ќе се поврзат со единиците на локалната самоуправа, Централниот регистар, Агенцијата за катастар на недвижностите, Управата за водење на матични книги и Министерството за внатрешни работи. 

    Според член 184 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува по четири месеци од денот на неговото влегување во сила.

    Со оглед дека Законот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 12 април 2016 година, а влегол во сила на 20 април 2016 година, неговата примена била пропишана да започне од 20 август 2016 година.

    Со членот 1 од Законот за изменување на Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2016), во Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016), во членот 184 зборовите: „по четири месеци од денот на неговото влегување во сила“, се заменуваат со зборовите: „од 1 јануари 2017 година“. 

    Тоа значи дека примената на Законот е одложена и истата е предвидена од 1 јануари 2017 година.

    Во Предлогот за донесување на ваквите законски измени, доставен од група пратеници до Собранието на Република Македонија, се наведува дека во Законот за нотаријатот се пропишани одредби со кои се воведуваат важни новини во работењето на нотарите и на Нотарската комора на Република Македонија, како водењето на целосна електронска евиденција на сите книги, уписници и именици, како и учество на адвокатите во одредени предмети во постапките пред нотар. Нотарската комора на Република Македонија, како и големите доверители кои обезбедуваат комунални услуги како ЕВН, Македонски Телеком, Оне и БЕГ биле директно засегнати со новините во Законот за нотаријатот, поради што истите побарале одлагање на примената на Законот со цел усогласување со одредбите од Законот за нотаријатот и негова имплементација во нивните внатрешни процеси и системи, документација и неопходни ресурси потребни за реализација на Законот. Од тие причини бил подготвен Предлогот на законот со цел успешна имплементација на одредбите на Законот за нотаријатот и обезбедување на правна сигурност на граѓаните и правните лица во Република Македонија и непречено одвивање на правниот промет во државата.

    Со измените на Законот за нотаријатот, се очекувало доверителите кои обезбедуваат комунални услуги и Нотарската комора на Република Македонија да се подготват организационо и технички, со цел непречено функционирање на нотаријатот со денот на примената на одредбите од Законот за нотаријатот.

    Со дополнувањето на иницијативата, Нотарската комора на Република Македонија укажува дека радикалните новини со кои се менува досегашниот концепт на функционирање на нотаријатот и утврдениот рок за отпочнување на примена на Законот, воопшто не одговарал на реалните можности за нивно реализирање, односно за преземање на сите подготовки за обезбедување услови за успешен почеток и единствена примена на Законот. Поради тоа, се предлага Уставниот суд, согласно членот 27 односно 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија врз основа на одредбите од Законот за нотаријатот во целина, за да се одбегне евентуалниот застој и можна хаотична состојба во правниот промет и живот во државата, што било од исклучителна важност за остварување и заштита на правата на граѓаните и правните лица и нивната правна сигурност што се обезбедува во постапките пред нотарите.

    Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето на Нотарската комора на Република Македонија за донесување на решение за изрекување на времена мерка со која, до донесување на конечна одлука по иницијативата, ќе се запре од извршување Законот за нотаријатот, во целина. Ова од причина што за прашањата за кои се бара изрекување на времената мерка, надлежен е законодавецот, а не Уставниот суд на Република Македонија.
  2. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

    15. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски. 


    У.бр.129/2016 
    1 ноември 2017 година 
    С к о п ј е 


    ПРЕТСЕДАТЕЛ 
    на Уставниот суд на Република Македонија 
    Никола Ивановски

 

 



Адреса

ул. Даме Груев бр. 3 , 1000 Скопје, Македонија

Телефон:     +389 2 3212 452
Факс:           +389 2 3165 409
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме