Активности на Адвокатската комора во врска со Законот за нотаријат

07 Март 2018
На 5 април 2016 година, Собранието на РМ го донесе Законот за нотаријат. На донесувањето на Законот му претходеа бројни опструкции, кои беа проследени и со јавно изнесени реакции од страна на Комората. Со Законот беше укинат нотарскиот акт кој беше наметнат како задолжителен за повеќе правни состојби и со години беше начин за преземање на работата на адвокатите, а заради поголема правна сигурност беше воведено и задолжителното присуство на адвокат во определни постапки пред нотарот.

На 5 јули 2017 година Уставниот суд на РМ им стави крај на интензивно пласираните погрешни тези уште пред донесувањето на Законот за нотаријат дека учеството на адвокатите во постапките пред нотар е противуставно. Имено, Судот донесе решение со кое се одбиваат сите иницијативи со кои се оспорува учеството на адвокатите во нотарските постапки. „Задолжителното присуство на адвокат во постапката пред нотарот не е во спротивност со принципот на владеење на правото, туку напротив тоа е со цел обезбедување на правната сигурност на граѓаните и е во согласност со Уставот“, ќе оцени Уставниот суд на Република Македонија.

>> РЕШЕНИЕ НА УСТАВНИОТ СУД НА РМ

Во август 2017 година во Министерството за правда е формирана Комисија за изменување и дополнување на Законот за нотаријат. Во составувањето на нацрт измените на Законот за нотаријатот, свои мислења и предлози беа повикани да  дадат Нотарската комора, Адвокатската комора и Стопанската комора на Македонија. Адвокатската комора, преку својот претставник во Работната група, адвокатот Александар Танчевски, бара натамошно зголемување на обемот на работата на адвокатите, задржување на постоечките решенија од Законот за нотаријат, како и либерализација нотаријатот.

Во ноември минатата година на ЕНЕР беше објавен Предлог-законот за нотаријатот со алтернативи, односно во текстот беа вградени предлозите на Адвокатската комора, на Нотарската комора  и на Стопанската комора.

Имајќи предвид дека се работи за прашање од исклучителен интерес за адвокатурата, Адвокатската комора преку својата веб страница ги повика членовите на Адвокатската комора, како засегната страна, внимателно да го разгледаат предложениот текст на Предлог-законот и сите алтернативи и своите коментари и јасни ставови директно да ги внесат на веб страницата на „ЕНЕР“.

>> ИЗВЕСТУВАЊЕ: АДВОКАТИТЕ СО СВОИ КОМЕНТАРИ НА „ЕНЕР“ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО ДИСКУСИЈАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ

На 13 октомври 2017 година, по овластување на Управниот одбор на Адвокатската комора, членот на Работната група, адвокатот Александар Танчевски доставува допис до министерот за правда, г. Билен Саљији и до заменик министерот за правда, г. Оливер Ристовски во кој ги известува дека ниту едно од предложените решенија на Нотарската и Стопанската комора не се прифатливи за Адвокатската комора на РМ и дека се оценуваат како нанесување директна штета на адвокатите како професија и уставна категорија која е овластена за пружање на правна помош. Воедно во дописот уште еднаш се образложени предлозите на Адвокатската комора.

>> ДОПИС ОД  ЧЛЕНОТ НА РАБОТНА ГРУПА, АДВОКАТ  АЛЕКСАНДАР ТАНЧЕВСКИ ДО МИНИСТЕР И ЗАМЕНИК МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА

По извршен увид во записник од седница на Работната група е констатирано дека предлозите на Адвокатската комора на РМ воопшто не се вметнати во работниот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат, туку се ставени само предлозите на Стопанската комора и целосно е исфрлено учеството на адвокатите. Поради ова, претставникот на Адвокатската комора на РМ во Работната група - адвокатот Александар Танчевски, но и на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија која исто така е членка на Работната група- адвокатот Ибраим Бајрами, На 17.10.2017 со официјален допис реагираат до министерот за правда, г. Билен Салији и заменик министерот за правда, г. Оливер Ристовски.

>> БАРАЊЕ ОД АДВОКАТСКАТА КОМОРА НА РМ И ОД СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРО-ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА

На 26 јануари 2018 година од страна на Адвокатската комора на РМ, претседателот Никола Додевски и членот на Работната група, Александар Танчевски, е доставен допис до министерот за правда, г.Билен Саљији во кој се нагласува дека АКРМ останува кон сите дадени предлози, забелешки и формулации даден преку претставникот во Работната група, адвокатот Танчевски.

>> ДОПИС ДО МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА 

На 1 февруари 2018 година во просториите на Владата на Република Македонија, под раководство на Министерот за правда, г. Билен Саљији, беше организирана јавна дебата по Предлог Законот за извршување и Предлог законот за нотаријат. На дебатата свое излагање имаше адвокатката Жана Кузмановска како претставничка на Адвокатската комора, како и преставници на Нотарската и на Стопанска комора на РМ.

>> ИНТЕГРАЛНО ИЗЛАГАЊЕТО НА АДВОКАТКАТА ЖАНА КУЗМАНОВСКА, ПРЕТСТАВНИК НА АКРМ  НА ЈАВНАТА ДЕБАТА ЗА ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТ И ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ

На 22 февруари 2018 година од страна на Министерството за правда до сите членови на Работната група за изменување и дополнување на Законот за нотаријат е доставен Записник од одржан состанок на работна група и  пречистен текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат во кој сите алтернативи кои беа дадени од Адвокатската комора на РМ се целосно избришани, додека нотарскиот акт е воведен за сите правни работи. 

На 28 февруари 2018 година од страна на престедателот на Адвокатската комора на РМ, г. Никола Додевски е доставен допис до претседателот на Владата на РМ, г. Зоран Заев во кој е образложен процесот на измени и дополнувања на Законот за нотаријат, и во писмена форма се доставени сите предлози и забелешки на Адвокатската комора, како и целокупната коресподенција на Комората со Министерството за правда. Со дописот се бара средба на која покрај опишаниот проблем би се разгледале и останатите проблеми со кои се соочува адвокатурата во Република Макеоднија. 

>> ДОПИС ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АКРМ ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РМ

Во рамки на Работната група за измени и дополнувања на Законот за нотаријат  се одржани пет последователни состаноци на кои од страна на адвокатот Александар Танчевски повеќе пати се образложувани предлозите на Адвокатската комора.

 




Адреса

ул. Даме Груев бр. 3 , 1000 Скопје, Македонија

Телефон:     +389 2 3212 452
Факс:           +389 2 3165 409
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме