Додевски: Адвокатската награда не го отежнува работењето на стопанските субјекти

Претседателот на Адвокатската комора на Македонија Никола Додевски денеска на прес-конференција ги отфрли како неосновани и шпекулации тврдењата дека адвокатската награда или дејност го отежнува работењето на стопанските субјекти.

Стопанските субјекти кои имаат договори со адвокатите во врска со плаќањето според адвокатската тарифа, пред нотарот презентираат потврда со која докажуваат дека веќе имаат договорно плаќање за одреденото дејство што адвокатот го дал во рокови и услови како што меѓусебно договориле тој и правниот субјект, рече Додевски.

Според него, не се признаваат т.н. паушални договори со кои се прави обид да се изиграат адвокатските награди и даночните обврски на адвокатите ако е тоа овозможено од страна на нотарите.

– Стопанските субјекти можат непречено да ги користат адвокатските услуги, слободно да ги извршуваат своите активности и зависно од нивната економска способност да договараат кога и на кој начин ќе ја плаќаат адвокатската награда, истакна Додевски.

Тој се пожали дека фелата трпи и од нотарите и од Здружението на работодавачи. – За жал, нотарите продолжуваат да го опструираат работењето на адвокатите според новиот Закон. Дури има и такви дегутантни појави, како нудење пакет-услуги од страна на нотари со готови договори и печати за минорни суми, што, не само што не е дозволено, туку претставува и кривично дело, потенцира Додевски.

И против нотарите кои ова го прават, но и против адвокатите вклучени во вакви активности, ќе бидат поведувани постапки, најави и апелира, Нотарската комора до која се доставени овие воочени аномалии и Министерството за правда да внимаваат на ваквото работење.

– Здружението на работодавачи, пак, упорно, во повеќе наврати дава изјави кои, според наше видување, се барања за легализирање на надриписарството. Вели дека адвокатите не се тие што треба да ги даваат услугите, дека тоа може секој да го прави, истакна Додевски.

Во овој контекст подвлече дека правниците со новиот Закон за нотаријат не ја губат работата како што тврдат некои стопанственици, туку напротив добиваат. Додевски ова го поткрепи со фактот дека од лани, заклучно со денеска, во Адвокатската комора влегле 313 адвокати, плус 253 нови стручни соработници и приправници.

Според него, секоја фирма што знае да работи и која се носи со современите трендови, за своите предмети ангажира адвокат, додека надриписарството е кривично дело.

– Законот за нотаријат е донесен во транспарентна процедура на која и претходеа низа јавни расправи во кои беа вклучени нотарите и адвокатите. Беспрекорно функционира и уште подобро би функционирал ако ги нема опструкциите од нотарите, здружението што го спомнав, а во кое е очигледно лобирањето на нотарите, како и од поединци кои се непријатели на адвокатурата, подвлече Додевски, укажувајќи дека консеквенца од ваквото однесување сигурно нема да биде подобрување на позицијата на граѓаните, туку барање од страна на Адвокатската комора за целосно менување на системот на натаријатот и негово враќање во судовите.

Од името на Адвокатската комора, Додевски побара анулирање на мислењето на министерот за правда Џафери кој упатил толкување на Законот за нотаријат, излегувајќи со тоа од своите ингеренции. – Автентично толкување дава исклучиво Собранието, а не извршната власт, посочи Додевски и појасни дека според толкувањето на министерот, адвокатите не треба да ги составуваат приватните исправи за договорите за залог.

Одговорајќи на новинарски прашања, Додевски појасни дека подобрување на решавањето на оставинските постапки ќе има кога тие ќе се вратат во судовите. – Сите детектирани проблеми произлегуваат од тоа што нотари се ставени на место на судии да водат оставинска постапка во која се одлучува за исклучително важни права. Поради тоа е воведено учество на адвокат што воопшто не ја поскапува постапката, а драстично ја зголемува правната сигурност, предочи претседателот на Адвокатската комора Никола Додевски.

Извор: МИА / Објавено: 14.03.2017

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме