Print this page

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЈА ПОТПИША КОНВЕНЦИЈАТА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА ЗАШТИТА НА ПРОФЕСИЈАТА АДВОКАТ

15 Мај 2025

Република Северна Македонија на 13 мај 2025 година ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на професијата адвокат.

Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на адвокатската професија беше отворена за потпишување по повод состанокот на министрите за надворешни работи на Советот на Европа, одржан во Луксембург на 13-14 мај. Ова е првиот меѓународен договор чија цел е заштита на адвокатската професија во контекст на сè почести извештаи за напади врз извршувањето на професијата, било во форма на вознемирување, закани или напади, или мешање во извршувањето на професионалните должности.


Конвенцијата ја потпишаа Северна Македонија, Андора, Естонија, Франција, Грција, Ирска, Италија, Литванија, Луксембург, Холандија,  Норвешка, Полска и Шведска. Белгија, Исланд, Република Молдавија и Обединетото Кралство.

Адвокатите играат клучна улога во заштитата на владеењето на правото и обезбедувањето пристап до правда за сите, вклучувајќи ја и одбраната на жртвите на можни прекршувања на човековите права. Затоа, јавното доверба во правосудните системи исто така зависи од улогата што ја играат адвокатите.

Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на адвокатската професија се однесува на адвокатите и нивните професионални здруженија, чија улога е од суштинско значење за одбрана на правата и интересите на професијата. Конвенцијата ги опфаќа правото на вршење дејност, професионалните права, слободата на изразување, дисциплинската одговорност и специфични заштитни мерки за адвокатите и професионалните здруженија.

Според Конвенцијата, државите мора да обезбедат адвокатите да можат да ги извршуваат своите професионални должности без да бидат цел на физички напади, закани, вознемирување или заплашување, ниту пак да се соочуваат со какво било неправилно попречување или мешање. Кога ваквите околности би можеле да претставуваат кривично дело, договорните страни се обврзани да спроведат ефективна истрага. Договорните страни исто така мора да обезбедат професионалните здруженија да функционираат како независни, самоуправни тела.

Потребно е најмалку осум земји, од кои шест мора да бидат членки на Советот на Европа, да ја ратификуваат Конвенцијата за таа да стапи во сила. Почитувањето на Конвенцијата ќе го следат група на експерти и комитет составен од земјите-страни.

Во наредниот период ќе се направи предратификациона анализа на усогласеноста на оваа Конвенција со законодавството на Северна Македонија во која ќе треба да биде содржано кој/и закон/и треба да се менува/ат по ратификацијата на оваа конвенција.