Print this page

Адвокатската комора доби поддршка од ЕУ/СЕ за развивање на софтвер за назначување на адвокати по службена должност

16 Декември 2022

Адвокатската комора на Република  Северна Македонија го прими првиот дел од софтверот за назначување на адвокати по службена должност во Северна Македонија, развиен со поддршка на ЕУ/СЕ.

При примопредавањето, претседателот на Адвокатската комора, г-дин Љубомир Михајловски и раководителката на оперативно работење во Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, г-а Лејла Дервишагиќ, ја нагласија континуираната заедничка соработка за развивањето на овој софтвер, којшто е многу важна алатка во областа на правната помош во кривични постапки којашто ќе овозможи транспарентност и недискриминација во системот за назначување.

Имањето на ефикасен систем за бесплатна правна помош за оние коишто немаат доволно ресурси е важен елемент кој осигурува ефективен пристап до правдата, во согласност со Европските стандарди.

Првиот дел од софтверот беше развиен изминатите месеци со поддршка на заедничкиот проект на Европската унија и Совет на Европа за „Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија ", со цел да се зајакнат капацитетите на клучните актери во Северна Македонија во нивните напори да ги зајакнат ефикасноста, квалитетот, пристапноста и свеста за бесплатната правна помош. Оваа иницијатива е дел од заедничката програма на Европска унија/Совет на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022".

Вториот дел од софтверот за назначување на адвокати по службена должност се планира да биде развиен во рамките на новата фаза од програмата Хоризонтален инструмент III којашто ќе почне на 1 јануари 2023 г.