Print this page

Одржана презентација за односот на адвокатите кон медиумите и vice versa

31 Октомври 2019
Вчера, 30 октомври 2019 година,  во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје во организација на Амбасадата на САД, а со поддршка на Адвокатската комора РСМ, американската новинарка со извонредна богата кариера Рашел Коен, уредник во реномираниот „Бостон Глоуб” одржи презентација за адвокати на тема „Односот на адвокатите кон медиумите и vice versa“.


Коен во својата презентација ги објасни основните принципи на новинарско известување од судница во САД, однесувањето на сите инволвирани во една судска постапка: што е дозволено, а што не, и говореше воопшто за прашања кои ја тангираат релацијата адвокат-новинар. Адвокатите ги посочи како клучни партнери на новинарите во светски познати случаи наградувани со Пулицер, а потоа екранизирани во филмовите „Spotlight“ и „Тhe Post“.

Презумпцијата на невиност ја истакна како еден од правните темели и институти на кои особено треба да внимаават новинарите. Во однос на изјавите на адвокатите во медиуми истакна дека и во САД, каде на адвокатите им е дозволено да се рекламираат, секогаш е клучен јавниот интерес, а не личниот на адвокатот.


Претседателот на Адвокатската Комора, адвокатот Љубомир Михајловски со Коен ги сподели тукашните искуства и го потенцираше значењето на ваквите средби како исклучително значајни за адвокатурата.

Настанот беше од интерактивен тип, па адвокатите имаа прилика да постават прашања за сѐ она што ги интересира.



Галерија