Претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Лазо Ѓорѓиевски, и заменик-претседателката Хамдије Адеми Тафа, на 6 август 2026 година остварија работен состанок со претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Африм Фидани и судијата на Врховниот суд, Зоран Димитриевски.
На почетокот на средбата, претседателот Фидани му го честиташе изборот на Ѓорѓиевски за претседател на Адвокатската комора и му посака успех во извршувањето на функцијата.
На средбата беше истакната важноста од континуирано унапредување на соработката помеѓу судството и адвокатурата, како два клучни сегмента на правосудниот систем. Беа разменети мислења за повеќе прашања од заеднички интерес, со акцент на потребата од континуиран професионален дијалог за предизвиците што се јавуваат во практичната примена на правото и функционирањето на судските постапки.
Посебно внимание на средбата беше посветено на прашањата поврзани со електронската достава преку електронско сандаче, времетраењето на граѓанските постапки по повод изјавена ревизија, како и утврдените начелни правни мислења на Општата седница на Врховниот суд во делот на досудувањето на адвокатските трошоци. Во рамките на разговорите беа посочени и практичните потешкотии со кои адвокатите се соочуваат во секојдневното работење, како и потребата од нивно системско надминување.
Во тој контекст, беше разгледана и можноста за воспоставување софтверско решение или надградба на постојниот АКМИС систем, со што на адвокатите би им се овозможил едноставен увид во сите судски предмети во кои постапуваат, без оглед пред кој суд се водат постапките.
Значајно место во разговорите имаше и прашањето за ефикасноста на судските постапки и обезбедувањето судење во разумен рок, како еден од значајните аспекти на правото на правично судење и ефикасна судска заштита.
На средбата беше разговарано и за можностите за понатамошна професионална надградба преку заеднички обуки и работилници, користење на постојните механизми во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители и Центарот за обуки на Адвокатската комора, како и организирање тематски работни средби помеѓу судиите и адвокатите. Таквата соработка беше оценета како важен придонес за унапредување на судската практика, зајакнување на правната сигурност и обезбедување поефикасна заштита на правата и слободите на граѓаните.
Во рамките на разговорите беше отворено и прашањето за Начелното правно мислење кое се однесува на ништовноста на договорите во кои адвокатската награда е определена во процентуален износ. Во таа насока беше разгледана можноста за поднесување нова иницијатива, поткрепена со компаративна анализа на законските решенија и судската практика во повеќе држави, со цел преиспитување на постојниот став.
На крајот на средбата беше потврдена подготвеноста за продолжување и унапредување на соработката помеѓу Адвокатската комора и Врховниот суд, преку континуиран дијалог и изнаоѓање практични решенија за прашањата од значење за правосудството и унапредувањето на владеењето на правото.