Претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Лазо Ѓорѓиевски, на 15 септември 2026 година оствари работна средба со в.д. претседателот на Апелациониот суд Скопје, Зоран Герасимоски. На средбата присуствуваше и заменик-претседателот на Комората, адвокат Дарко Георгиев, Роберто Петковиќ, советник за правни работи во Комората, како и судиите на Апелациониот суд Скопје, Габриела Гајдова, Александар Шопов и Тања Милева.
На средбата се разговараше за предизвиците со кои адвокатите и судот се соочуваат во секојдневното работење, како и за можностите тие да се надминуваат преку непосредна комуникација и конструктивен дијалог.
Претставниците на Комората и на судот разменија мислења и предлози за унапредување на меѓусебната соработка и ефикасноста во постапувањето. Беше истакната важноста од продолжување на дијалогот за прашањата што се јавуваат во судските постапки и во практичната примена на правото.
Во таа насока, Адвокатската комора ги повикува адвокатите да достават пресуди на Апелациониот суд Скопје во кои е различно одлучено по исти правни прашања.
Пресудите треба да се достават до Адвокатската комора на електронската адреса Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., со кратко наведување на конкретното правно прашање по кое е забележана различна судска практика.
Доставените пресуди ќе бидат систематизирани и проследени до Апелациониот суд Скопје заради нивно разгледување и преземање активности во насока на воедначување на судската практика и зајакнување на правната сигурност.