Print this page

Адвокатската комора и УНДП потпишаа Меморандум за соработка

17 Септември 2026
Претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија Лазо Ѓорѓиевски и постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, денес, 17.09.2026 година, потпишаа Меморандум за соработка меѓу Комората и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамките на регионалниот проект „EQUALS – Унапреден квалитет на услуги за правна помош“.


Со воспоставувањето на партнерството се зајакнува институционалната соработка за унапредување на пристапот до правда, остварување на човековите права, недискриминацијата и социјалната инклузија, преку инвестиција во развојот на професионалните капацитети на адвокатите.

Соработката ќе овозможи унапредување на тренинг центарот на Комората, размена на знаења, експертиза и добри практики, подобра координација и заеднички активности насочени кон надминување на бариерите до правната помош и обезбедување инклузивни, достапни, пристапни и квалитетни правни услуги, особено за ранливите граѓани изложени на ризици од исклучување.



Принципите на пристап заснован на човекови права, никој да не биде изоставен, родовата еднаквост и заштитата од насилство се во основата на заедничката заложба за создавање општество со систем на инклузивна еднаквост.

Активностите се дел од регионалниот проект „Унапреден квалитет на услуги за правна помош“, реализиран со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој (Austrian Development Agency), а спроведуван од УНДП во соработка со Министерството за правда.