Претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Лазо Ѓорѓиевски, во петокот, 18 септември 2026 година, оствари работна средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Ненад Савески.
На средбата беше истакнато дека, иако адвокатите и јавните обвинители во судницата настапуваат од спротивставени процесни позиции, тие имаат заедничка одговорност кога станува збор за почитувањето на човековите права, законитоста и стандардите на кривичната постапка.
Ѓорѓиевски и Савески упатија заедничка порака за целосна нетолеранција кон корупцијата, како и за неопходноста од постојано унапредување на професионалните стандарди и интегритетот на сите чинители во правосудниот систем.
Во текот на разговорот беше нагласено дека адвокатите и јавните обвинители, преку своето професионално постапување во контрадикторната судска постапка, имаат значајна улога и одговорност во зајакнувањето на угледот на судството и враќањето на довербата на граѓаните во правосудниот систем.
На средбата беа разгледани повеќе прашања од заеднички интерес, а беше договорено Адвокатската комора и Јавното обвинителство да воспостават континуирана соработка, насочена кон унапредување на професионалните стандарди и поголема ефикасност на постапките.