
Претседателот на Адвокатската заедница Кавадарци, адвокатот Живко Ајтов, во својот поздравен збор истакна дека Адвокатската комора на РМ имаше негативно мислење во однос на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, како и Правилникот кој му претходеше на Законот.
На обуките на кој учество земаа адвокати од адвокатските заедници Кавадарци, Неготино, Струмица и Радовиш, адвокатите Фатмир Муса од Скопје, Светлана Кузманова од Кочани и Оливер Гашев од Велес во улога на фацилитатори говореа за нормативните аспекти на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната, но воедно го елаборираа и прашањето за примената на овој закон низ практиката на адвокатите и правосудството.

Во рамки на обуките беа спроведени и симулации на случај, по што низ дискусија беа акцентирани проблемите со кои адвокатите се соочуваат во реалноста при практичната примена на Законот. Ставот на адвокатите е дека со Законот се губи индивидуализацијата на казната и слободното судиско убедување, дека е неоспорна е неговата контрадикторност и неусогласеност со темелните вредности на Уставот и тие побараа итно укинување на истиот.

Обуките се спроведоа во рамки проектот на Адвокатската комора на Република Македонија „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната“ финансиран од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.