Print this page

(ФОТОГАЛЕРИЈА) Конференција по повод 70 години од Универзалната декларација за човекови права и улогата на адвокатите за заштитата на човековите права

13 Декември 2018

Адвокатската комора на Република Македонија, во партнерство со Амбасадата на САД во Македонија, на 10 декември 2018 година организираше конференција по повод одбележувањето на 70-годишнината од Универзалната декларација за човекови права и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

На конференцијата со наслов „70 години од Универзалната декларација за човекови права: Улогата на адвокатите за заштита и унапредување на човековите права“ поздравен збор имаа претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски, министерската за правда, Рената Дескоска и американскиот амбасадор Џес Бејли.

Во поздравните говори беше истакнато значењето на Универзалната декларација за човековите права, која е донесена на 10 декември 1948 година во Париз од страна на Генералното собрание и која претставува своевидна меѓународна магна карта за сите луѓе во светот. Битката за човековите права, беше истакнато на конференцијата, е најсветата битка на секој од нас.

„Битката за човековите права првенствено ја водат адвокатите како бранители на човековите права. Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош, а во извршувањето на своите обврски адвокатот е независен и не смее да дозволи никакви влијанија.

Секој има право на ефикасни правни лекови пред надлежните национални судови за дела што ги кршат основните права што му припаѓаат според уставот или законот и секој има право во целосна еднаквост на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски или при какво било кривично обвинение против него.

Секој обвинет за кривично дело има право да се смета за невин сè додека неговата вина не се утврди во согласност со закон и на јавно судење, во кое тој ги има сите гаранции неопходни за неговата одбрана“, истакна претседателот на Адвокатската комора на РМ, Михајловски.

„Еднаквоста на оружјата, еднаквиот третман на странките, почитувањето на презумпцијата на невиност се височини што адвокатите секојдневно ги освојуваат. Адвокатурата, која согласно членот 53 од Уставот е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, мора да го добие вистинското и заслужено место во општеството, сè со цел граѓаните да бидат оние на кои ќе им бидат заштитени правата, а правната сигурност да биде начело и гаранција за остварување на правата и слободите.

Не ви се обраќам само како адвокат, како претседател на Адвокатската комора, туку и како човек, како граѓанин - човековите права се под опсада низ целиот свет, универзалните вредности се уништуваат, владеењето на правото се поткопува. Принципите зацртани во Универзалната декларацијата се релевантни денес како што беа во 1948 година. Но, сите ние треба да се залагаме за сопствените права и за правата на другите! Тежнеењето кон заштита на човековото достоинство на сите човечки суштества се наоѓа во средиштето на концептот на човековите права. Тој концепт го поставува човекот во центарот на вниманието! Сега повеќе од кога и да е, нашата заедничка должност е јасна: Да се залагаме за човекови права - за секого, насекаде.

Во оваа заложба за одбрана на достоинството на човекот, во сите вас гледаме партнер, кој ќе влијае на создавање општествена средина, каде ќе се спроведуваат принципите на владеењето на правото“, додаде претседателот на АКРМ, Михајловски.

На конференцијатта се обратија и претседателот на Уставниот суд на РМ, Никола Ивановски, заменик-претседателката на Адвокатската комора, Јелена Ристиќ, народниот правобранител на РМ, Иџет Мемети, владиниот агент од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, Даница Џонова, и Нада Наумовска, постара програмска координаторка на Фондацијата Отворено општество.

Претседателот на Уставниот суд на РМ, Никола Ивановски, говореше за заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот пред Уставниот суд на РМ, а заменик-претседателката на Адвокатската комора, Јелена Ристиќ,  се осврна на  влијанието на Универзалната декларација на меѓународните и домашните правни стандарди, со посебен осврт на независноста на адвокатурата како гаранција за заштита на човековите права.

Народниот правобранител на РМ, Иџет Мемети, се осврна на прашањето за улогата на заштитниците на човековите права и слободи. Владиниот агент од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, Даница Џонова, ја нагласи улогата на адвокатите во заштитата и унапредувањето на човековите права преку Европскиот суд за човековите права.

Конференцијата се заокружи со темата за правното зајакнување на маргинализирани заедници, за бесплатната правна помош  и за про боно заштитата, за кои говореше Нада Наумовска, постара програмска координаторка на Фондацијата Отворено општество.

Галерија

View the embedded image gallery online at:
https://www.mba.org.mk/index.php/mk/arhiva-na-informacii/item/565-fotogalerija-konferencija-po-povod-70-godini-od-univerzalnata-deklaracija-za-chovekovi-prava-i-ulogata-na-advokatite-za-zashtitata-na-chovekovite-prava?print=1&tmpl=component#sigProIdfad6d413f6