Print this page

Одржана обука за адвокати од областа на слободата на изразување

30 Јуни 2022

Педесетина адвокати од сите четири апелациони подрачја се запознаа со концептот и клучните меѓународни принципи за слободата на изразување со посебен фокус на трослојниот тест и пристапот на Европскиот суд за човекови права кога постапува по случаи за клевета и навреда во рамки на четвртата обука посветена на слободата на изразувањето. Обуката која се одржа во Охрид од 23-25 јуни 2022 беше организирана од Адвокатската комора во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа за „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (ЈУФРЕКС 2).




Локалните експерти и меѓународната експертка на Советот на Европа на учесниците/чките им ја презентираа релевантната домашна легислатива и европските стандарди како и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во делот на слободата на изразување, а посебно во делот на клевета и навреда. Исто така беше истакнат и трослојниот тест и како истиот се применува во меѓународен и домашен контекст. Дискусиите кои следеа по презентациите придонесоа за размена на практичните искуства и мислења за тоа како да се примени судската пракса на Европскиот суд за човекови права пред домашните судови.

Оваа каскадна обука, која како целна група ги опфати адвокатите, претставува платформа за размена на пракса и искуства, обезбедува одржливост и придонесува кон подобрување на примената на европските стандарди на локално ниво. Со зголемувањето на бројот на случаи пред домашните судови, знаењето со кое се стекнаа адвокат(к)ите на тема клевета и навреда е од огромна важност за да се обезбеди високо квалтетна правна заштита на страните во такви случаи.


Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, која им овозможува на корисниците да ги спроведат реформските планови во областите човекови права, владеење на правото и демократијата, и да се усогласат со европските стандарди, вклучително, по потреба, во рамки на процесот на проширување на ЕУ.

Галерија

View the embedded image gallery online at:
https://www.mba.org.mk/index.php/mk/arhiva-na-informacii/item/864-obuka-2?print=1&tmpl=component#sigProIdd1bc3f8870