Print this page

(ФОТО) СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАНА 78-ГОДИШНИНАТА НА МАКЕДОНСКАТА АДВОКАТУРА И ОДРЖАНО 68-ТО ГОДИШНО СОБРАНИЕ

18 Мај 2023

Адвокатската комора на Република Северна Македонија (АКРСМ) на 13 мај 2023 година во х. „Изгрев“ во Струга свечено го одбележа настанот „78 години македонска адвокатура“ и го одржа 68-то годишно Собрание на Комората.

На настанот присуствуваа претставници на регионалните адвокатски комори, како и делегати на Собранието на Комората.



Поаѓајќи од историјата на македонската адвокатура која е проткаена со имињата на голем број адвокати кои истовремено како народни херои се запишале и во националната историја, на  настанот беше нагласено дека историјата на македонската адвокатура е заснована врз исклучителниот ентузијазам и врз борбата за општествена правда, човекови права и слободи.

Континуитетот на македонската адвокатура низ различните времиња на своето етаблирање, како што беше нагласено, секогаш се засновал врз идеите за заштита на правата и слободите, вредност што и во иднина треба да ги води адвокатите напред.

На свечената академија се обратија: претседателот на Адвокатската комора на РСМ, адвокат Љубомир Михајловски, претседателката на Адвокатската комора на Србија, адвокатката Јасмина Милутиновиќ, претседателот на Управниот одбор на Адвокатската комора на БиХ, адвокатот Драган Пудар, потпретседателот на Адвокатската комора на Војводина, адвокатот Јожа Ласло, адвокатката и преставничка на Адвокатската комора на Словенија, Татјана Ситар, адвокатот и претставник на Адвокатската комора на Словенија, Огњен Дабелиќ, адвокатот и претставник на Адвокатската комора на Црна Гора, Жељко Браљетиќ, адвокатот и претставник на Адвокатската комора на Косово, Теки Бокши, адвокатот и претставник на Адвокатската комора на Република Српска, Војислав Драшковиќ.

Претседателот на АКРСМ, Михајловски во своето обраќање ги поздрави присутните гости од адвокатските комори од регионот истакнувајќи го значењето на меѓусебната соработка.

„Ги поздравувам присутните гости и би сакал да ја истакнам соработката која ја имаме со нив.  Разменуваме искуства, учиме од едни од други, ни давале совети, им даваме совети и што е најважно се држиме едни со други во интерес на адвокатурата, во интерес на сите адвокати. Ова ви го кажувам не поттикнат од политика, бидејќи тука политиката не вреди, ова ви го кажувам искрено, бидејќи македонските адвокати се секаде најсрдечно добредојдени. И затоа им благодарам на приемот кој досега сме го имале кај нив“, рече Михајловски.  

Претседателот на АКРСМ го истакна значењето на адвокатурата во општеството, а се осврна и на досегашните постигнувања, како и идните предизвици на Комората.


„Во изминатиот период, како и периодот претходно поминавме турбулентни моменти, односно поминавме среќни, но и тешки моменти, а она што успеавме да го направиме е првенствено да го сочуваме единството на македонската адвокатура, но и да го сочуваме влијанието кое го имаме денес и го имавме изминатите години во системот на правосудството и во поглед на носењето на законите кои што беа најпрвин во интерес на граѓаните на Македонија и во интерес на  фелата. Ова ви го кажувам од причина што условно кажано имаше „напади“ врз адвокатурата, не толку врз независноста, но имаше тенденција да се носат закони кои што ќе бидат на штета на адвокатите. Успеавме да го спречиме тоа.

Она што би сакал исто така да го истакнам е дека Комората е финансиски стабилна. Сите знаете дека купивме голем деловен простор, тоа се заврши, а моментално се опремува салата за обуки. Новиот Закон за адвокатура е во собраниска процедура и со него е предвидено да се оформи Центар за едукација на адвокати, а потоа да се спроведат обуки првенствено на новите адвокати, а потоа и на постојните и тоа да премине во континуирани обуки.

Користиме искуства и од адвокатите гости кои што се овде. Имено, се започна проект за Call центар каде што искуствата ни ги пренесоа колегите од Србија, со цел да знаеме што е она што треба да го бараме и во кој правец да се движиме за да спречиме појава на повикување на едни исти адвокати во судовите и обвинителствата.

Во овие години доаѓавме и во конфликтни ситуации со различни чинители, но успеавме да не подлегнеме на никакви влијанија.

Би сакал да напоменам  дека Управниот одбор работеше редовно и посветено на адвокатурата и би требало и на останатите членови да им се заблагодариме бидејќи тоа го прават волонтерски, односно ја оставаат својата работа за да помогнат на адвокатурата.

Друго што би сакал да истакнам е дека се отворија повеќе канцеларии на адвокатите во судовите и ги охрабруваме адвокатските заедници да се продолжи со отворање бидејќи судовите ни даваат простор.
Во тек е голема борба и во врска со новиот Закон за облигации, а не чекаат и други големи борби.

Моево обраќање ќе го завршам со следното. Каде и да одиме, и во Србија и во Словенија или во било која друга држава, сите говориме за заштита на човековите права и како да ги заштитиме граѓаните и секако дека тоа е примарно.  Но, крајно време е да се заштитиме и самите себе си како адвокати. Тоа никој не го зборува, што да правиме по однос на истото. Како да се исчистиме од  колегите кои не се достојни да бидат адвокати и како да се исчистиме од луѓето кои и нанесуваат зло на адвокатурата“, порача претседателот на АКРСМ, Михајловски. 


Претставниците на гостинските комори во своите обраќања ја честитаа годишнината на Адвокатската комора на РСМ,  изразувајќи надеж  за натамошна меѓусебна соработка  како клучна за размената на искуства помеѓу коморите и за унапредување на адвокатурата во регионот.

По свеченоста, делегатите на Собранието на АКРСМ го одржаа 68-то годишно Собрание. На Собранието едногласно беа усвоени извештаите за работата на органите на Комората.

Галерија