ЗАПОЧНА СО РАБОТА ЦЕНТАРОТ ЗА ЕДУКАЦИЈА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА

16 Декември 2023
Со одржување на три еднодневни обуки  на 13, 14, и 15 декември 2023 година на тема „Етички дилеми за адвокатите бранители во Северна Македонија“ официјално започна со работа Центарот за едукација на Адвокатската комора на Република Северна Македонија (АКРСМ) опремен со поддршка на Амбасадата на САД. 


Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, во своето обраќање на отворањето, се заблагодари на Амбасадата на САД за поддршката и го истакна значењето на отворањето на Центарот за адвокатурата во Северна Македонија.

 -  Со формирањето на овој Центар за едукација денеска започнуваме еден нов период за постигнување на квалитет во едукацијата и во работење на адвокатите. Сега имаме силна основа за идните генерации кои ќе доаѓаат и кои треба да ги продолжат успесите за градење на моќна и модерна адвокатура, рече претседателот на АКРСМ.



Тој нагласи дека Центарот не само со техничка опременост, поддржан е од Амбасадата на САД и со експерти што ќе учествуваат на обуките со цел меѓусебна размена на искуства.

На отворањето на Центарот за едукација, пред почетокот на обуката,  се обрати и Вирџинија Елиот, директорка на INL /Амбасада на САД во Северна Македонија.


- Драго ни е што дојдовте на денешната обука. Тоа го покажува вашиот интерес за континуирана обука и за професионализам. Многу сум среќна што започнуваме со овој курс бидејќи сметам дека ќе биде еден вид на потсетник за сите нас, за нашите одговорности, и ќе ни помогне да размислуваме за нашите секојдневни активности, нашите секојдневни реакции, истакна таа. 

Елиот, меѓу другото, нагласи дека и двете држави споделуваат заеднички демократски вредности со што, како што рече,  природно доаѓа да има ваков тип на размена на искуства.

Обуките „Етички дилеми за адвокатите бранители во Северна Македонија“ беа одржани во соработка со Националниот Центар за државни судови на САД и во рамките на проектот „Континуирана правна едукација за адвокатите од кривичното право во Северна Македонија” финансиски поддржан од Американската амбасада во РСМ и INL. Обуките ги држеа адвокати, кои претходно ја поминаа Обуката за обучувачи оддржана во рамки на истоимениот проект.




Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме